Антикорупциска ги објави анкетните листови на фунционерите кои имаат законска обврска да пријават се што е на нивно име, но и на членовите на потесното семејство.
Меѓу пратениците со побогат имот се вбројува најмладата пратеничка од овој состав Артина Ќазими од Алијанса за Албанците. Во село Добридол има куќа со двор која чини повеќе од 300 илјади евра, земјиште на родителите и Рено Меган на нејзино име. Додека пак единствениот пратеник и лидер на ДПА, Мендух Тачи, има куќа од 1180 квадратни метри вредна над 210 илјади евра, банкарски депозити и хипотека.
Старо-новиот претседател Џафери во пријавениот имот има куќа во Форино од близу 180 илјади евра, стан во Скопје од 46 кврадратни метри и два автомобили.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески поседува две парцели земјиште и лозје во Струга, две куќи во овој град, три автомобили, хартии од вредност и кредит. Неговиот колега од ВМРО ДПМНЕ Никола Мицевски, има земјиште во Штип и Пехчево, две куќи и два стана, три автомобили, банкарски депозити и кредит...
На листата на актуелниот потпретседател на ВМРО ДПМНЕ Мисајловски, нема куќа, ниту пријавен стан. Само два автомобили од по 6500 и 13 илјади евра, како и банкарски депозити и два кредити. И неговиот сопартиец Тимчо Муцунски има пријавено само два автомобили Ауди и Буба, и депозит од 3000 евра.
Претседателот на комисијата за избори и именувања, Костадин Костадинов има пријавено Пежо од 13 илјади евра, платежна картичка и лизинг. Пратеничката од СДСМ Сања Лукаревска има куќа во Дојран, стан во Скопје, два автомобили, банкарски депозити и кредити...
Димитар Апасиев поседува стан во Скопје, автомобил Алфа Ромео, кредити и стипендија. Другиот пратеник од Левица, Крмов, пријавил само стан од 65 квадратни метри во родниот град Штип.
Листата за пријавен имот на Али Ахмети е една од најкратките. Има куќа од 250 квадратни метри во Зајас, земјиште од седум декари во Албанија и автомобил поло од 7.000 евра на име на неговата сопруга. Неговиот сопартиец Арбен Зибери кој позитивен на корона вирусот гласаше за Влада од посебна кабина во Собрание, има куќа, два стана, амбулантно возило и ординација во Ласкарци.
Од подолгите листи се оние на опозициските лидери од албанскиот блок. Зијадин Села има куќа, земјиште и шума во Струга со значителна квадратура, а на негово име се и двата автомобили Јагуар С-тајп и Фолксваген Фаетон. Африм Гаши пак има куќа и стан во Скопје, и тој има два автомобили, накит, банкарски депозити и кредит.
Претседателот на БЕСА, Биљал Касами во Тетово има земјиште од 2000 метри квадратни, куќа од над 500 квадрати, Мерцедес од 13 илјади евра, накит во вредност од 14.500 евра и повисоки суми побарувања.