АНБ: Постапката за добивање безбедносни сертификати е строго законски определена

Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации до денот на приведувањето нема доставено барање за спроведување на безбедносни проверки за Миленкоски и другите две лица.

Постапката за добивање на безбедносни сертификати се спроведува во рамките на строго законски определена постапка и истата започнува со поднесување барање за издавање на безбедносен сертификат до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во согласност со член 45 од Законот за класифицирани информации, соопшти денеска Агенцијата за национална безбедност во врска со безбедносните сертификати на лицата поврзани со случајот со приведувањето и одредување екстрадициски притвор на Миле Миленкоски во Србија по црвена потерница од страна на Интерпол.

Во соопштението се додава дека Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (член 53 од Законот за класифицирани информации) Агенцијата за национална безбедност (член 4 и член 8 од Законот за АНБ) врши безбедносни проверки за лица заради утврдување на безбедносни пречки за издавање на безбедносен сертификат за користење на класифицирани информации.

– Од извршената ревизија на постапките за спроведени безбедносни проверки е констатирано дека од денот на формирањето на Агенцијата за национална безбедност на 1 септември 2019 година до 27 август 2021 година, денот на приведувањето на М. Миленкоски, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации нема доставено барање за спроведување на безбедносни проверки, ниту за Миленкоски, ниту за останатите две лица споменати во медиумите. Воедно е утврдено дека од трите споменати лица, важечки безбедносен сертификат до денот на задржувањето во Србија имал само Миле Миленкоски и истиот е издаден врз основа на извршена безбедносна проверка од втор степен од страна на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање на 9 февруари 2019 година. За останатите две лица е утврдено дека не располагаат со важечки безбедносни сертификати, наведува АНБ.

Во соопштението се наведува дека не се вистинити ниту информациите во некои од медиумите дека која било од останатите засегнати институции во земјата до денот на притворањето на М. Миленковски во Србија, доставиле информација до Агенцијата за национална безбедност за наведениот случај.

– Агенцијата за национална безбедност поаѓајки од своите законски надлежности, а согласно барањето за ревизија на издадениот безбедносен сертификат налицето Миле Миленкоски доставено на почетокот од овој месец презеде соодветни активности за преиспитување на исполнетоста на условите утвредни од поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање и за одземање на безбедносниот сертификат на горенаведеното лице, нагласуваат оттаму.

Агенцијата и во наредниот период, како и досега, се додава во соопштението, ќе продолжи за сите сознанија поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата да ги информира со закон утврдените субјекти.

-Сите останати прашања поврзани со статусот, третманот и натамошно процесуирање на лицата инволвирани во горенаведениот случај се во надлежност на со закон утврдени институции во Македонија, истакнува АНБ. /МИА

Предупредувачки штрајк на образовните работници во Србија

Членовите на Синдикатот за образование на Србија денеска одржуваат предупредувачки штрајк и нема да ги одржат првите часови во прва и втора смена низ училиштата.

Штрајкувачите бараат од српската влада да почне да го применува законот за плати на вработените во јавниот сектор (платни групи и оценки) од 1 јануари идната година, а доколку не почне примената на тој закон за сите вработени во образованието, да биде зголемена платата за 15 отсто. Образовниот синдикат на Србија бара и изедначување на цената на трудот за сите дејности во образованието, формирање паралелки со помал број ученици во основните и средните училишта, како и стручни соработници и ненаставен кадар финансиран сразмерно на број на часови.

„Вработените во образованието речиси две години работат во тешки пандемични услови и го одржуваат образовниот процес во вонредни околности. Не е познат бројот на болни вработени и ученици, а владата и министерството за образование, наука и технолошки развој се глуви на апелите на синдикатот дека просветните работници се материјално и професионално понижени”, се наведува во соопштението.

Реакција на Владата по повод оставката на Ванчо Ѓорѓиев

„Владата и било која нејзина институција, ниту сега, ниту било кога, не влијаеле на работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања.“

Владата во ниту еден момент ниту се мешала, ниту имала било какво политичко влијание во работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Македонија и Бугарија. Напротив, секогаш ја поддржувала нивната работа, како научници кои сами, заеднички двете страни, ги утврдија своите принципи на работа.

Категорично отфрламе било каква инсинуација дека имало било какво влијание на одлуката на професорот Ванчо Ѓорѓиев да го прекине својот ангажман како член на Комисијата од страна на Владата или било која нејзина институција.

Поаѓајќи од начелото на целосна независност и слобода во работата на Комисијата, секој член на нашиот дел од Комисијата има право да донесе одлука во врска со понатамошното учество.

Во случајот за професорот Ванчо Ѓорѓиев ја информираме јавноста дека само пред една недела професорот Ѓорѓиев го потпиша со слободна волја договорот за продолжување на неговиот ангажман како член на Комисијата.

Сметаме дека со тонот, инсинуациите и тајмингот избран да се пласираат невистини, професорот Ванчо Ѓорѓиев, си дозволи да го искомпромитира сопствениот научен интегритет и да пласира политички пораки кои немаат никаква врска со реалноста и работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Македонија и Бугарија.

Со ова соопштение укажуваме на овие непобитни факти, ја почитуваме неговата одлука и се заблагодаруваме за неговиот досегашен ангажман.

Воздухот во Скопје загаден над дозволеното - најтешко се дише во Карпош, Центар и Лисиче

Почетокот на грејната сезона повторно го извади на виделина долгогодишниот проблем со загадувањето на воздухот во Скопје. 

Индексот на загаденост на воздухот и утринава, како и неколку претходни денови, на повеќе места во главниот град засвети црвено а според податоците најзагадено било во Лисиче, Центар и Карпош а Скопје воедно се најде на 22-то место на листата на најзагадени градови во светот.

Екологистите велат дека за овој проблем треба да се преземаат мерки во текот на целата година, а не само во зимскиот период а како главни проблеми ги наведуваат грејните тела на голем дел од скопјани, доцнењето со проектот за гасификација како и нееколошките возила кои гравитираат во градот.

Секоја година истиот проблем во исто време и секоја година ние го грешиме терминот на подготовка, кога ќе стигнеме веќе до 15 октомври ние веќе би требало да имаме серија на мерки кои ќе бидат на сила. Сега било кое преземање на било која мерка ќе биде задоцнета... грејната сезона почнува и веќе превенцијата ќе биде многу потешка поради падот на температурите и поставеноста на Скопје како котлина,-Ели Пешева – О2 Иницијатива.

Пешева вели дека дополнителен проблем во градот е долгогодишниот недостаток на инспектори како и недоволните буџети кои надлежните ги добиваат во борбата против загадувањето.

Може тоа да се решава и со некаков тип на редари, на поинаков тип на контрола. Ние на неколкупати се нудевме и како граѓански инспекции составени со дел од граѓани кои би оделе со нив на терен или ќе укажуваат на точки. Целиот процес оди многу споро и просто да се чуди човек како некој да не сака да го реши проблемот бидејќи не е дека толку е нерешлив но цело време да бидеме во статус кво е тотално неприфатливо.-Ели Пешева – О2 Иницијатива.

Покрај Скопје, сериозни проблеми со справувањето со загадувањето има и Тетово, кој според индексот на загаденост за средината на 2021 е втор најзагаден град во светот со вредност 95,62, веднаш зад главниот град на Непал, Катманду.

притисни ентер