АНБ ги демантира тврдењата на министерот Чулев

На денешната прес конференција на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев беа изнесени бројни дезинформации во врска со работењето на Агенцијата за национална безбедност, кои во целост ги отфрламе како невистинити и тенденциозни.

Наводите за наводна посредничка улога на Агенцијата за национална безбедност во процесот на следење на комуникациите и за наводен монопол во во системот за следење на комуникациите се целосно невистинити.

Имено, согласно член 35, став (1) од Законот за Оперативно техничката агенција, опремата за следење на комуникации со кои располагала поранечната Управа за безбедност и контраразузнавање е предадена на Оперативно техничката агенција, на ден 27.10.2018 година, за што е изготвен соодветен записник за примопредавање потпишан од директорите на УБК и Оперативно техничката агенција. Со наведениот записник, во согласност член 35, став (2) од истиот Закон, се предадени и медијациските уреди, сопственост на телекомуникациските оператори, кои до тогаш се наоѓале во МВР односно УБК. Примопредавањето е вршено под надзор на Комисија во чиј состав, покрај другите имало претставници на Врховниот суд и парламентарната комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите.

Со тоа Агенцијата за национална безбедност не располага ниту со опрема за следење на комуникации, ниту со медијациски уреди за активирање на следењето на комуникациите во мрежите на операторите. Исто така, Агенцијата нема техничка можност самостојно и независно да активира и да врши следење на комуникации во мрежите на телекомуникациските оператори без посредство на Оперативно техничката агенција. Согласно член 2, став (1) од Законот за Оперативно техничката агенција, оваа Агенција е самостоен државен орган кој што овозможува техничка поврзаност помеѓу операторите и органите овластени за следење на комуникациите.

Министерството за внатрешни работи има посебна служба за администрирање на пристапот зо следењето на комуникации заради кривични истраги. АНБ нема пристап до ваквата администрација, ниту може да има увид во тековните предмети на МВР.

Во изјавата на МВР – Чулев единствено вистинито е дека поранешната УБК од аспект на техничката опременост го имала монополот над користење на опремата за следење на комуникациите и таа монополска улога масовно ја злоупотребувала.

Тој период конечно е зад нас, но тоа веројатно е тешко сфатливо за МВР – Чулев кој во тоа време имаше раководна функција во Агенцијата за разузнавање, чии вработени исто така беа сериозно инволвирани во настани кои се денес предмет на актуелни судски постапки.

Агенцијата за национална безбедност продолжува со етаблирање на својата улога на компетентен и професионален заштитник на националната безбедност, извршувајќи ги своите надлежности во целосна согласност со Уставот и законите и постапувајќи при тоа независно и без никакво надворешно влијание.

Во овој контекст, Агенцијата за национална безбедност ја изразува својата подготвеност во секое време за спроведување на контрола и надзор од страна на правосудните и останатите надзорни тела.

Агенција за национална безбедност

Дафина Стојановска оствари средба со пензионерите

Носителката на листата од коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ за ИЕ 6 Дафина Стојановска во Гостивар оствари средба со пензионерите. 

Пензионерите воопшто не се задоволни од живеачката. Затоа ВМРО-ДПМНЕ, од топ проектите на нашата #платформа1198, ветува линеарно покачување од 5.000 денари во првата година за сите пензионери.

Нивната порака до нас политичарите е да го вратиме достоинството на државата.

Николоски: Идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе донесе закон за забрана на увоз на тутун

Забрана на увоз на тутун, со цел да се откупи македонскиот по повисоки и пристојни цени.

Почитувани,

Денес сум тука со кандидати и идни пратеници во ова македонско Собрание, од овие две општини, општината Конче и Радовиш, сме во посета на капитални инфраструктурни проекти. Работата на градоначалникот покажува дека и во малите средини во Македонија може да се работи успешно и убаво доколку се има волја и доколку се работи чесно.

Градоначалникот прави работи кои што овдека со децении не биле правени. Би сакал да му честитам за таа работа.

Можам да кажам дека после изборите ќе има огромна поддршка за општина Конче со цел да се реализираат проектите кои што се од витално значење за сите оние кои што живеат овдека.

Тука е секако и поддршката на земјоделието каде што можеби и најбитната работа поврзана со земјоделието е тутунот кој што се одгледува најмногу во општина Конче.

Планираме да го донесеме законот за тутун кој што два пати го поднесувавме во Собранието, но досегашното мнозинство на СДСМ и ДУИ го блокираше. А, причината зошто го блокираше е затоа што имаа бизнис интереси.

Имено, со тој закон ќе се забрани увоз на тутун во Македонија со цел да целокупниот македонски тутун, македонското злато да се откупува по повисоки и пристојни цени, како би можеле сите земјоделци пристојно да живеат. Така што тоа е она наше основно ветување односно тутунот.

Секако тука се и зголемувањата на субвенциите, воведување на само три класи, а не како досега што има шест или седум класи зависно од откупувачите.

Во делот на земјоделието планираме возобновување на сите водоснабдителни системи како и изградба на нови и комплетно нов систем на субвенции кој што ќе го врати достоинството на македонскиот земјоделец. А, тука ќе работиме интензивно и на она што е желба на жителите и на Конче и на општина Радовиш а тоа е носење на една поголема странска инвестиција која што треба да отвори нови и добро платени работни места за жителите на целиот овој крај.

Ќе ми дозволите да искоментирам уште неколку работи, имено, ние во изминатиов период водевме интензивна кампања за претседателските избори а сега почнуваме и кампања за парламентарните избори, мислам дека е основно граѓаните да ја слушнат пораката дека масовна излезност е начинот на кој што ќе може да се спречи оваа влада на СДСМ и на ДУИ, двете политички партии да одат во опозиција и конечно да се удри во чело на криминалот и корупцијата во Македонија, да се воведе функционален систем на владеење на правото и Македонија економски да се развива.

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 4

Пендаровски: Прифаќам дебата со сите противкандидати

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски ја прифати поканата на националниот јавен сервис за учество на дебата со сите противкандидати во претседателската трка:

„Решив да ја прифатам поканата за заедничка дебата на националниот јавен сервис – Македонска радио телевизија, со оглед на тоа дека сите мои противкандидати ја прифатиле поканата да учествуваат во дебатата.

Дополнително, информирам дека останувам на претходно изнесениот став дека е потребно да се расветли случајот во кој имаше јавно изнесени индиции дека јавниот сервис бил користен за изработка на лажни анкети и дебати за рејтингот на политичките партии и кандидатите за претседатели, а со тоа и фабрикување на јавното мислење.

Останувајќи доследен на принципот на транспарентноста за мојата работа и како претседател и како кандидат за претседател во тековната кампања, ја информирам јавноста за овие прашања за кои имаше интерес изминатите денови“ изјави Пендаровски.

притисни ентер