Анагностопулу: Утре во Солун прв состанок на Комисијата за трговски ознаки

-Утре заседава за прв пат, комисијата што е одредена под покровителство на Министерството за надворешни работи за темите за трговските ознаки, трговските имиња и слично. 

Комисијата за трговските ознаки и трговските имиња утре ќе одржи прв состанок во Солун, откри алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу за време на расправата во грчкиот Парламент за ратификација на законите што произлегуваат од потпишаните договори во Скопје во март и април годинава за отворање на нови гранични премини, јави дописничката на МИА од Атина.

-Утре заседава за прв пат, комисијата што е одредена под покровителство на Министерството за надворешни работи за темите за трговските ознаки, трговските имиња и слично. Утре заседава, за прв пат во Солун и таму од бизнисмените од двете страни се поставуваат темите кои останаа нерешени се додека не се потпиша Договорот од Преспа, рече Анагностопулу, одговарајќи на прашањето на пратениците од Нова демократија поставено вчера за време на Комисијата за национална безбедност и надворешна политика.

Во однос на ратификацијата на двата договори, кои беа темата на денешната пленарна седница, Анагностопулу рече дека се гледа практичната придобивка од Договорот од Преспа и истакна дека отворањето на граничните премини било барање на локалното население.

-Не дојдоа од небо овој закон и овие договори, напротив имав голем притисок од локалното население да дојде законот пред Велигден и иако им го ветев тоа и им се извинувам, не успеавме порано бидејќи беше потребно време за законодавната постапка. Тоа беше итно барање од локалното население, објасни алтернативната министерка за надворешни работи на Грција и додаде дека и за граничниот премин кај Преспа, локалното население уште од 1967 година кога и се затвори, барало повторно отворање.

Анагностопулу уште еднаш категорично повтори дека без Договорот од Преспа и со претходната рамката што ги одредуваше односите на двете земји не можеше да се отворат граничните премини, бидејќи таа рамка беше истата со онаа од 1959 меѓу Грција и Југославија. Таа истакна дека во грчкиот Парламент, никогаш претходно не дошол никаков закон што се однесува на двете земји, затоа што постоеше проблемот со името.

-Договорот од Преспа ги одврза рацете и на грчката држава и на Република Северна Македонија. Потребен беше овој договор, рече Анагностопулу.

Во однос на финансирањето на граничните премини, алтернативната шефица на грчката дипломатија објасни дека ќе биде од европски програми.

-За Лемос кај Лерин, веќе се обврзани четири милиони евра од програмата Интерег. Четириесет милиони евра останати од „Егнатија одос" за регионот на Пела. Градоначалникот на Преспа и префектот на областа Западна Македонија дојдоа кај мене во канцеларија и ме притискаа пред Велигден да се озакони договорот, прекуграничниот премин. Ми рекоа дека периферијата ги презема потребните трошоци за да оди напред овој проект. Тоа е развоен проект и во двата случаи, и во Пела и во регионот на Лерин, рече Анагностопулу, пренесе МИА.

Напад со нож во Шведска: Застрелан е напаѓачот, кој им се нафрли на три постари жени

Шведската полиција соопшти дека застрелала маж во врска со нападот на три постари жени во градот Вастерас.

Полицијата соопшти дека мажот ги нападнал жените на возраст меѓу 65 и 80 години со остар предмет, пренесува Ројтерс. Шведската агенција Експресен објави дека една од жените и напаѓачот се во болница со сериозни повреди.

Очевидци велат дека слушнале десет истрели. Нападот се случил денеска околу 12:25 часот.

"Многу полицајци беа на местото на нападот. Мислевме дека станува збор за петарди. Не знаевме за што се работи. Автомобилот на нашиот сосед беше уништен. Полициско возило удри во него", рекол еден од очевидците.

Г7: Ќе ја зајакнеме противвоздушната одбрана на Украина

Земјите-членки на Г7 се решени да ја зајакнат воздушната одбрана на Украина, изјавија денеска нивните министри за надворешни работи кои се собраа на состанокот во Капри.

Седум суперсили - Италија, Канада, Франција, Германија, Јапонија, Велика Британија, САД и ЕУ - силно ја критикуваа руската инвазија на Украина, која трае повеќе од две години.

Киев, сепак, ги предупредува дека мора да ја сменат својата стратегија доколку сакаат Украина да издржи сѐ подеструктивни руски воздушни напади. Русија негира дека цели цивили, но смета дека енергетскиот систем на Украина е легитимна цел. Во тие напади беа убиени стотици цивили.

„Г7 ќе ја зајакне воздушната одбрана на Украина за да спаси животи и да ја заштити критичната инфраструктура“, рекоа министрите за надворешни работи, додавајќи дека ќе ја зголемат одбранбената и безбедносната помош за Киев.

„Ние сме решени да продолжиме да обезбедуваме воена, финансиска, политичка, хуманитарна, економска и развојна помош за Украина и нејзиниот народ“, додаваат тие. Изјавата е објавена на крајот од тридневниот министерски состанок во Капри, каде главни теми беа Украина и воените конфликти меѓу Израел и Иран.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен по самитот изјави дека на Украина ѝ требаат веднаш повеќе ресурси и го предупреди Пекинг дека односите на Кина со Европа ќе настрадаат доколку ѝ помогне на руската одбранбена индустрија.

„Кога станува збор за руската одбранбена индустриска база, главниот придонесувач во моментов е Кина“, рече Блинкен. „Ако Кина од една страна тврди дека сака добри односи со Европа и со другите земји, од друга страна не може да ја поттикне најголемата закана за европската безбедност од крајот на Студената војна.“

Воената помош за Киев е забавена во последните месеци бидејќи на европските партнери им снемува муниција, а американската помош е блокирана од републиканците во Конгресот. Претставничкиот дом на САД овој викенд конечно би можел да гласа за пакетот помош од 60,8 милијарди американски долари за Киев.

Друго прашање што се разгледува е како да се искористи профитот од 300 милијарди американски долари замрзнати руски средства на Запад за да ѝ се помогне на Украина. Министрите рекоа дека се уште размислуваат како тоа може да се направи.

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани рече дека постои правна основа за користење камата од замрзнатите средства, а експертите сега размислуваат дали би можел да се искористи самиот капитал.

Во врска со нападот на Израел врз Иран по неодамнешниот ирански напад со беспилотни летала и ракети врз Израел, министрите рекоа дека ќе работат на спречување на ескалација на конфликтот.

„Политичката цел на Г7 е деескалација. Работиме и ќе продолжиме да работиме за да бидеме активни играчи за да обезбедиме деескалација на целиот Блиски Исток“, рече Тајани.

Мицкоски: Актуелната власт донесе цикличен артаноиден хибриден режим

„Во овие 15 дена од кампањата за првиот круг за претседателски избори буквално насекаде низ Македонија се чувствува победничката атмосфера, се чувствува како граѓаните се обединуваат околу желбата за промени“

„Во овие 15 дена од кампањата за првиот круг за претседателски избори буквално насекаде низ Македонија се чувствува победничката атмосфера, се чувствува како граѓаните се обединуваат околу желбата за промени“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Ранковце.

„Масовно на 24-ти април да излеземе овде во Ранковце и да го поддржиме идниот претседател на Македонија, професорката Гордана Силјановска Давкова. Тоа е многу важно затоа што државата ни е одземена од мала група на луѓе кои што се дел од раководството на ДУИ и неколкумина измеќари од СДСМ кои што цело време за да добијат некое парче коска од наместените тендери, да добијат некое ситно евро во џебот и да ги задржат своите фотелји упорно и упорно шест и половина години измеќарат на овие од Мала Речица“, појасни Мицкоски.

Мицкоски додаде дека Македонија ја претворија во еден вид на артаноиден режим. Таква е денеска Македонија поради дел од раководството на ДУИ и неколкумина измеќари од СДСМ.

„Пред шест и половина години овие што сега се Влада ни ветуваа дека ќе донесат слобода, ќе донесат правда, подобар живот, подостоинствен живот, поквалитетен живот за граѓаните, повеќе пари за граѓаните. А, во суштина што направија? Донесоа цикличен артаноиден хибриден режим“, рече тој.

„Кога велам артаноиден тука мислам и на неговиот ментор, а тоа е Али Ахмети од Зајас, кој што денеска ја доби Македонија на тацна од Ковачевски, Зечевиќ и останатите неколкумина политичари во раководството на СДСМ, кои се покажаа и докажаа како главни измеќари“, укажа Мицкоски.

Тој посочи дека никој не очекуваше една државотворна партија СДСМ да се претвори во гранапче на Али Ахмети, на Артан, на ДУИ и да бидат главни измеќари само за да ги задржат своите позиции.

„Тоа е политичкото мочуриште во кое што ние денеска живееме“, истакна Мицкоски.

Мицкоски укажа дека СДСМ и Стево Пендаровски немаат план, немаат програма. Единствено нешто што научиле е само ЕУ, ЕУ.

„А, од ЕУ им остана само еврото кое што го крадат од вас граѓаните преку наместени тендери“, нагласи тој.

„После осми мај Македонија ќе биде повторно слободна и предводена од Влада на ВМРО-ДПМНЕ. А, сите оние кои што и нанесоа зло, неправда, болка, јас ви ветувам дека ќе одговараат“, порача Мицкоски.

Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ на овие избори се бори за 61 пратеник и за претседател Гордана Силјановска Давкова. Време е граѓаните да живеат достоинствен живот во Македонија каде што ќе има правда, успешен образовен систем, подобар здравствен систем, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер