Американскиот БДП во третиот квартал пораснал за рекордни 33 проценти

Бруто домашниот производ на САД (БДП) скокнал за рекордни 33,1 процент во третиот квартал во споредба со истиот период минатата година, според првите проценки на Министерството за трговија.

Ова е најбрз раст на економијата на САД од 1947 година, кога владата започнала да собира податоци.

На квартално ниво, најголемата светска економија пораснала за 7,4 проценти, според првите проценки на Министерството за трговија.

Помеѓу април и јуни, БДП на САД потонал за рекордни 31,4 проценти на годишно ниво и на девет проценти од првите три месеци од оваа година, бидејќи владата нареди да се затворат компаниите, а граѓаните да останат дома.

Првите проценки за третиот квартал сведочат дека економијата во голема мера ги надокнадила огромните загуби забележани среде првиот бран на пандемијата на коронавирус.

Скокот на БДП во периодот од јули до септември го рефлектира, меѓу другото, и зголемувањето на личните трошоци за услуги, пред се, здравствена заштита, достава на храна и сместување. Американците трошеле и повеќе на моторни возила и делови, како и на обувки и облека, се вели во извештајот на Министерството.

Ќе биде ,сепак тешко да се ублажи човечката трагедија предизвикана од пандемијата на коронавирус, имајќи предвид дека десетици милиони Американци сè уште се без работа и повеќе од 222 000 граѓани починале како резултат на инфекцијата со коронавирус, забележува Ројтерс.

БДП на САД останува значително послаб отколку што бил пред пандемијата, а аналитичарите предупредуваат дека напредокот се забавува бидејќи САД повторно бележи нагло зголемување на бројот на нови инфекции.

Досега се надополнети нешто повеќе од половина од вкупно изгубените 22,2 милиони работни места поради пандемијата и отпуштањата продолжуваат, забележува Ројтерс.

Посебен извештај од Министерството за труд покажал дека минатата недела 751 000 граѓани поднеле барање за исплата на надоместоци за невработеност, 40 илјади помалку отколку претходната недела. Тоа е значително помалку отколку во март кога рекордни 6,867 милиони граѓани поднеле барање.

Сепак, бројката е поголема отколку во најтешкиот период на големата криза од 2007 до 2009 година, кога достигнала 665 илјади, потсетува Ројтерс.

Последните податоци за БДП внимателно се следат бидејќи тие се последниот важен економски показател пред претседателските избори на 3-ти ноември.

Филаделфија избори плејофот

Екипата на Филаделфија ќе игра во плејофот на НБА-лигата. Сиксерси ноќеска во плејин средбата ги совладаа кошаркарите на Мајами Хит со 105:104.

Најпродуктивен играч за Филаделфија беше центарот Џоел Ембид. Имаше 23 поени, 15 скока и пет асистенции.

Клучен играч од клупата во домашниот тим беше Николас Батум, кој постигна 20 поени и пет скока.

Најефикасен во Мајами беше Тајлер Херо со 25 поени.

Филаделфија во првото коло од плејофот ќе се соочи со Њујорк никс.

Мајами ќе има уште една шанса да избори учество во разигрувањето за титулата. Противник во вториот дуел од плејин ќе им биде Чикаго кој ноќеска го победи тимот на Атланта.

Американски и израелски медиуми: Израелските власти разгледувале опции за одмазднички напад

Американски и израелски медиуми: Израелските власти разгледувале опции за одмазднички напад врз Иран, но се повлекле од планот.

Израел разгледуваше опции да изврши напад врз Иран како одмазда за нападот без преседан минатиот викенд, но потоа ги откажале плановите, јавија израелски и американски медиуми.

Иран лансираше повеќе од 300 беспилотни летала и проектили против Израел во текот на викендот во напад што предизвика мала штета бидејќи повеќето проектили беа пресретнати.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе одговори на нападот, што ги поттикна глобалните сили, вклучително и главниот сојузник САД, да повикаат на воздржаност за да се избегне каква било понатамошна ескалација или регионално прелевање од повеќемесечната војна во Газа.

Израелскиот јавен сервис Кан објави дека по разговорите со американскиот претседател Џо Бајден, Нетанјаху одлучил да не продолжи со однапред договорените планови за одмазднички напади врз Иран во случај на напад.

„Дипломатската чувствителност влезе во игра“, изјави за Кан висок израелски функционер кој сакаше да остане анонимен, додавајќи дека ќе има одговор, но дека ќе биде различен од првично планираното.

Цитирајќи три неименувани израелски извори, Еј-Би-Си Њуз објави: „Израел се подготвуваше и потоа ги прекина одмаздничките напади против Иран најмалку две ноќи минатата недела“.

Меѓу опсегот на можни реакции што ги разгледуваше израелскиот воен кабинет беа опциите за напад на ирански полномошници на друго место во регионот или за извршување кибер напад, изјавија изворите за Еј-Би-Си Њуз.

На состанокот на владата во понеделникот, израелските власти размислуваа да им дадат дозвола на израелските одбранбени сили (ИДФ) за напад врз Иран, но „од оперативни причини“ одлучија да не продолжат со тоа, изјавија двајца неименувани израелски функционери за американскиот портал Аксиос.

Вооружените групи поддржани од Иран ширум регионот извршија напади откако изби војната меѓу Израел и Хамас во октомври.

Нападот на Техеран викендот, неговиот прв директен напад на израелска територија, дојде како одговор на смртоносниот напад врз конзуларниот анекс на Иран во Дамаск на 1 април, за кој нашироко беше обвинет Израел.

Вашингтон и Брисел ветија дека ќе ги зголемат санкциите против Иран, додека иранскиот претседател предупреди на „жесток и остар одговор“ на каква било одмазда. Како одговор на дипломатскиот притисок, вклучително и од главниот воен поддржувач Вашингтон, Нетанјаху во средата инсистираше на тоа дека Израел ќе донесе сопствени одлуки и „да го направи она што му треба за да се одбрани“.

Саем на книгата под слоганот „Приказна се чита“

Во арената „Борис Трајковски“ во Скопје денеска ќе биде отворено 36. издание на Саемот на книга, кој во седумте саемски дена ќе понуди богата програма со повеќе од 30 промотивни настани и дружби со автори. 

Посетителите ќе можат да си одберат книги од разновидната понуда на домашни и странски автори од преку 60 издавачки куќи од земјава и регионот.

На официјалното отворање на Саемот на книга обраќање ќе има министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, а покрај претставниците на издавачките куќи на отворањето ќе присуствува и германската амбасадорка Петра Дрекслер.

Слоганот на манифестацијата е „Приказна се чита“, со цел да го доближи саемот до помладата популација, а покрај едукативно-културниот аспект, годинава се воведува и општествено одговорна компонента.

Со секоја купена редовна влезница ќе се донираат 15 денари за СОС детско село. Исто така, по повод 23 април - Светскиот ден на книгата, во СОС детско село и ДУЦОР „Партенија Зографски“ од Скопје - средно училиште за ученици со оштетен слух ќе бидат донирани по 100 книги и бесплатни годишни претплати од Boksy - изложувач на саемот, за година онлајн читање на книги.

Годинава во рамки на Саемот е востанопвување на Фелоушип програма, по примерот на сите поголеми светски саеми. Од Македонска асоцијација на издавачи (МАИ), информираа дека по отворениот повик, комисијата што ја формирале за оваа намена, избра пет учесници на Фелоушип-програмата: Флоранс Жири („Агенција „Флоранс Жири“, Франција), Петра Кавчич (издавачка куќа „Белетрина“, Словенија), Јанис Краниас (издавачка куќа „Ентипоис публикејшенс“, Грција), Ена Хасечиќ (издавачка куќа „Бајбук“, БИХ), Мирослава Уљаревиќ (издавачка куќа „Ободско слово“, Црна Гора).

Фелоушип-програмата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а нејзината цел е да ги запознае издавачите и книжевните агенти со домашното издаваштво, со трендовите во современата македонска книжевност, со нашите најистакнати писатели и да им „открие“ дела што можат да ги внесат во својата издавачка програма.

Годинава се воведува и нов концепт на поставка на штандовите, за подобра видливост на сите изложувачи и издавачи, а помалите издавачи во однос на квадратурата ќе бидат визуелно подостапни до публиката.

Промоциите и дружбите со автори ќе се случуваат во промотивниот центар како главна бина, во текот на седумте саемски денови. Во рамки на саемот ќе биде доделена наградите од Асоцијацијата на издавачи.

Годинава фокусот ќе биде и на детската програма, во која е предвиден посебен дел со маскоти, што ќе се одржува во викенд деновите на Саемот.

Саемот на книга ќе биде отворен за посетители од 18 до 24 април, секој ден помеѓу 10:00 и 20:00 часот, освен на денот на затворањето кога ќе работи до 18:00 часот.

Покровител на Саем на книга традиционално е Министерството за култура на РСМ.

притисни ентер