Алијанса за Албанците: Продолжува предизвикот за правичен, достоинствен и еднаков третман

На денешен ден, пред 112 години, во нашиот убав град Битола, оживеа унифицирањето на албанското писмо, настан кој целиот наш народ го памети како Битолски Конгрес. 

Исто како во тоа време, кога Албанците ја избраа својата стратешка западна ориентација, така и денес продолжуваме со нашите напори за подигнување на нашиот јазик и нашата национална кауза и западна ориентација.

Без оглед на фактот што оттогаш многу држави и власти поминаа низ овие простори, предизвикот на албанскиот јазик за правичен, достоинствен и еднаков третман продолжува и денес.

Жално е што дури и по многу напори и жртвувања во оваа земја, државниот устав го означува нашиот јазик како „јазик на 20 проценти од населението". Ваквиот парадокс и апсурдност, од една страна го признава овој датум како празник на албанскиот јазик, а од друга страна во сите правни и уставни документи се нарекува „јазикот што го зборуваат над 20% од населението (и што е различен од македонскиот јазик).

Ужасно е кога многу раководители на институции, дури и Албанци, продолжуваат да не го користат или половично го користат албанскиот јазик. За овие прекршители, ние заедно создадовме инспекторат кој ќе го казни секој раководител на институцијата што ќе го одбива или осакати албанскиот јазик, но за жал таа институција како што сите знаеме, е предводена од кадар на политичка партија која речиси две децении едно ветува нешто, друго прави.

И покрај сето ова, денес, ние со чест и почит се потсетуваме на сите оние херои што го одржуваа во живот и го негуваа албанскиот јазик.

Драги сестри и браќа, среќен ден на нашата азбука, денот на благословениот албански јазик!

Алијанса за Албанците

Бразилка ќе оди во затвор, зашто на познат пејач за еден месец му испратила 8.000 писма

Бразилката Мира Карваљо (35) е толку опседната со британскиот пејач, Хари Стајлс (поранешен член на групата „One Direction“) што го оставила партнерот дома и го пропатувала целиот пат до Лондон.

Но, тоа не е сѐ, Мира му испраќала на Хари писма, свадбени честитки, а бидејќи за само еден месец испратила дури повеќе од 8.000 писма, Бразилката завршила во затвор, пишува „The Sun“.

Таа е осудена на 14 недели затвор и се изјаснила за виновна за следење.

- Хари беше навистина потресен. Тој само сака да продолжи нормално, но секако дека е загрижувачки за него, неговото семејство и неговиот тим“, изјави извор близок до Стајлс.

Нејзе ѝ е забрането да се приближува до Стајлс дури 10 години и да присуствува на кој било настан, односно концерт, каде што е тој.

Да потсетиме, фановите на споменатата група некогаш беа познати по претерувањето кое се граничело со демнење, па еднаш ги хакираа и безбедносните камери на лондонскиот аеродром за да ги видат своите идоли.

Пендаровски: Понудата на Мицкоски за коалицирање е знак на слабост

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вечерва од Бутел рече дека е легитимно и дека е демократски избор секој да коалицира со кого сака. 

Но, понудата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за коалицирање со неговата партија, уште на првиот ден од кампањата за парламентарни избори, покажува дека тој бара помош.

„Ние среде кампања не бараме помош од пријател. Мене ми се чини дека тоа е јасен знак на слабост, затоа што господинот Мицкоски знае што го очекува на 24 април и на 8 мај. Инаку зошто би барал помош од страна?“, рече Пендаровски, соопштуваат од неговиот тим.

Портокалова велосипедска тура, изложба на карикатури и холандски пазар на Деновите на Холандија

По повод националниот ден на Холандија – Денот на Кралот, Амбасадата заедно со своите партнери го отвори второто издание на „Денови на Холандија“ во Ист Гејт Мол во Скопје. 

Амбасадорот Дирк Јан Коп и извршниот директор на Ист Гејт Мол Игор Давков ги пречекаа посетителите со посебно искуство кое вклучуваше портокалова велосипедска тура, изложба на декорирани велосипеди, филмови во виртуелна реалност и холандски пазар.

Настанот започна со симболична портокалова велосипедска тура и изложба на велосипеди декорирани од средношколци од Скопје во организација на Гоу грин – Биди зелен. Покрај автентичните холандски производи во понудата на холандскиот пазар беа вклучени и локални продукти произведени со холандска технологија.

Во рамките на отворањето амбасадорот Коп ги објави и победниците на регионалниот натпревар за карикатури организиран од холандското Министерство за надворешни работи и организацијата Картун мувмент. Независно жири составено од претставници од сите шест држави од Западен Балкан ја додели првата награда на Душан Перишиќ од Србија а втората награда на Арменд Ајредини од Македонија.

Холандскиот пазар ќе биде отворен овој викенд (19-21 април) од 12:00 до 18:00 часот. Изложбата на карикатури може да се посети до крајот на април.

притисни ентер