Активни девет пожари, најкритично во Старо Нагоричане

Активни во моментов се девет пожари, а состојбата е најсериозна во Општината Старо Нагоричани, околу селото Дренак. 

Состојбата се менува од час во час, но ние ги имаме ангажирано сите расположливи ресурси, и верувам доколку не се појават нови, во текот на денешниот ден ќе воспоставиме целосна контрола врз сите пожари, изјави за МИА в.д. директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Тој посочи дека состојбата е најкритична околу селото Дренок, а во овој момент таму дејствуваат три хеликоптери од Србија, заедно со еден наш Армиски хеликоптер. Ангелов очекува наскоро тој пожар да биде ставен под контрола.

-Втората посериозна ситуација е околу Пехчево, каде што исто така утрово делуваше хеликоптер на Армијата, кој што се повлече за дотур на гориво и истиот повторно ќе се врати да дејствува, да продолжи со гаснење на пожарот околу тоа село, изјави Ангелов.

Други активни пожари во овој момент има во Валандово, во месноста Погана, кој исто така зафаќа поголема површина со ниско стеблесто растение. Потоа, во кумановското село Коњув, околу селото Мурашав во Кратово, пожар има и во Прилеп, поточно на Плетвар, и уште еден пожар во Делчево.

Исто така, и пожарот во Кочани што гори веќе трет ден, но како што посочи Ангелов, таму е упатен голем човечки потенцијал и имаат контрола врз него.

-Состојбата се менува од час во час, и ние однапред не можеме да предвидиме како пожарите ќе се однесуваат затоа штои исклучително сувата вегетација и високите температури, но и ветерот кој што дува особено во источна Македонија придонесува за брзо ширење на пожарот, но и за брзо менување на правците, рече Ангелов.

Во однос на пожарот во Валандово, пожарот се шири во различни правци, затоа што ветрот на едно место дува во една насока, а на само 500 метри, дува во друга насока. Но, Ангелов напомена дека имаат контрола врз ситуацијата.

-Дури имавме ситуација, конкретно во Валандово, во текот на вчерашниот ден јас ја посетив Гевгелија и Валандово односно двата пожари, со свои очи да видам што се случува на терен, за пожарот во Валандово има една карактеристика дека на одредено место ветрот дува во една насока, а само 500/600 метри понатамау дува во друга насока. Пожарот се шири во различни правци, но генерално имаме контрола врз ситуацијата. Ги имаме ангажирано сите расположливи ресурси и верувам доколку не се појават нови пожари во текот на денешниот ден ќе воспоставиме целосна контрола врз сите пожари, изјави Ангелов за МИА.

Како што посочи, од Србија веќе има четири хеликоптери, но бидејќи гаснат на туѓа територија, во придружба се со еден наш армиски хеликоптер.

-Од Србија имаме четири хеликоптери од кои три се за гаснење едниот е за извидница. Мора да имаме во предвид дека овие хеликоптери гаснат на туѓа територија која што не ја познаваат, и затоа мора да бидат придружени од еден наш армиски хеликоптер. Токму тоа беше причината вчера кога тие веќе беа подготвени да не можат да полетат, бидејќи нашите хеликоптери беа на терен и гаснеа. Доколку ги повлечевме назад за да ги земат српските во придружба, ќе се намалеше видливоста и истите немаше да можат да полетат, немаше време, додаде Ангелов.

Тој посочи дека е побарана и помош и Словенија и Грција, но дополнително ќе информира кога би требало да пристигне./МИА

Во Баварија уапсени двајца руски шпиони

Федералните обвинители уапсија вчера двајца осомничени руски шпиони во Баварија под сомнение дека шпионирале и планирале напади врз воени цели за да ја поткопаат поддршката за Украина, пишува денеска „Еурактив“.

Двајцата мажи се осомничени дека работеле за странска разузнавачка служба во „особено тежок случај“, соопшти обвинителството. Едниот е обвинет и за планирање на напади, пред се против воена инфраструктура и индустриски капацитети во Германија.

- Нашите безбедносни власти спречија можни експлозивни напади за да ја поткопаат нашата воена помош за Украина. Ова е сериозен случај на сомнителна активност на агент на криминалниот режим на Путин, изјави за новинарите министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.

Според обвинителството, главниот обвинет бил во контакт со лице поврзано со руската тајна служба од октомври 2023 година.

Двајцата мажи, исто така, се вели дека извидувале неколку потенцијални цели, вклучително и американски бази, каде што собирале информации поврзани со нападот. /МИА

Словенија: Покрај изборите за ЕП на 9 јуни, можно е да се одржат и три референдум

Надлежните комисии на Државниот збор (Парламентот) на Словенија треба да одлучат дали на денот на изборите за Европскиот парламент во Словенија, 9 јуни, ќе се одржат истовремено три референдуми.

Но, не постои единство во владејачката коалиција за ваквиот предлог. Претставниците на Движењето за слобода се „за“, Левицата е рамнодушна, а Социјалдемократите (СД), Словенечката демократска партија (СДС) и Нова Словенија (НСи) се против.

В петок матичните комисии на Државниот збор ќе подготват уредби за распишување три советодавни референдуми, иако коалицијата се уште не се договорила за датумот на нивното спроведување. Во Движењето за слобода бараат референдуми да се одржат на денот на европските избори.

По процедуралните компликации на вонредната седница на Парламентот во средата, претставниците сепак ги прифатија предлозите за распишување три советодавни референдуми.

Така, гласачите ќе го кажат својот збор на референдумите за регулирање на правото на помош при доброволно завршување на животот, за воведување преференцијално гласање на изборите за Државниот збор и за одгледување, преработка и употреба на канабис.

Датумот на нивното спроведување сè уште не е целосно дефиниран, кој се носи заедно со уредбата за распишување референдум. Иако датумот се уште не е договорен ниту во коалицијата, претставниците веќе в петок во матичните работни тела ќе почнат да ги подготвуваат одлуките за распишување на сите три референдуми.

Во работните материјали за состаноците на матичните комисии на 6 мај се посочува на предлозите за одлуки за распишување на советодавнен референдум и датумот на распишување на референдумот, од кој почнуваат да течат роковите за негово спроведување, а недела, 9 јуни, како ден на гласање./МИА

Израел нема да преземе одговорност за синоќешниот напад врз Иран, објави „Џерузалем пост“.

Израел нема да преземе одговорност за нападот синоќа врз објект во централниот дел на Иран, објави израелскиот весник „Џерусалем пост“.

Извори од израелската служба за безбедност и од Владата на Израел за весникот рекоа дека причините за тоа се „стратешки“.

Весникот ги цитира зборовите на своите извори: „Око за око, заб за заб. Израел одговори таму, од каде беше нападнат“.

Според извори на весникот, Иран говори за „експлозија во фабрика“, а не за ракетен напад, бидејќи сака да избегне ескалација на тензиите. За доушниците на „Џерусалем пост“ не е јасно зошто Пентагон им открил на американските медиуми дека Израел бил вмешан во нападот - според нив, од САД можеле да молчат, со што би го зачувале достоинството на Иран, а и самите Американци ќе избегнат ескалација на тензиите.

Во информацијата на „Џерусалим пост“ се вели дека во следните 24 часа премиерот на Израел и Бенјамин Нетанјаху, целото раководство од областа на безбедноста и дипломатијата биле во воената база „Кирја“ во Тел Авив, каде договарале дејствија со партнерите од регионот Јордан, Египет и Саудиска Арабија.

Весникот пишува дека земјите од регионот објавиле пред Израел дека доколку Иран нападне, тие се подготвени да помогнат. Според информациите на „Џерусалем пост“, Израел ги информирал САД за нападот. /МИА

притисни ентер