Активни 15.228 ковид-случаи, 81% од хоспитализираните се невакцинирани

 Активни се 15.228 ковид – случаи во државава од кои најголем број 8333 се во Скопје.

Според извештаите од болниците, моментно со КОВИД-19 се хоспитализирани 340 лица, a од нив 81 отсто не се вакцинирани, додека 19 проценти се вакцинирани. Во исто време, 78 отсто од починатите лица од КОВИД-19 биле невакцинирани, а само 22 отсто примиле вакцина, покажува анализата објавена од Министерството за здравство за вакцинирани од позитивните случаи со КОВИД-19 во период од 6 август 2021 година до 13 јануари 2022 година.

Изминативе неколку недели, како што се истакнува, притисокот врз болниците е намален што се однесува до хоспитализациите, но зголемени се амбулантските прегледи, кои се движат и до стотина пациенти на ден во една установа.

Во период од 06.08.2021 до 13.01.2022 година на територија на државата како позитивни на КОВИД-19 се тестирани 85.593 граѓанин, од кои 37 отсто биле целосно вакцинирани, односно 32.079 лица. Според статистиката за изминативе месеци, 53.514 граѓани, односно 63 отсто од позитивните на КОВИД-19 не биле вакцинирани. Анализата на Министерството покажува дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема.

Во период од 6.08.2021 до 13.01.2022 година 78 отсто од починатите лица со КОВИД-19, биле невакцинирани, а само 22 отсто примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, посочуваат од Министерство и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи, како што велат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на SARSKоV2.

Досега во земјата се направени вкупно 1.692.991 тестирања на КОВИД-19. Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 241.651, бројот на оздравени пациенти е 218.340, на починати е 8.083.

Брзо ширење на омикрон сојот на коронавирусот има речиси во сите држави, а експертите предупредуваат дека врвот на инфекцијата допрва доаѓа.

Што се однесува до состојбата во регионот, по завчерашниот црн рекорд од 13.753 новозаболени со КОВИД-19, Србија и вчера, според официјалната веб-страница на Министерството за здравство, бележи петцифрена бројка на заразени, или од 31.540 тестирани позитивни се 12.721 лица, јави дописникот на МИА од Белград.

Во училиштата во Хрватска секој ден има се помалку ученици во училишните клупи и помалку наставници во одделенијата поради брзото темпо на ширење на коронавирусот што трае цела оваа недела. Според Министерството за наука и образование, завчера 9.158 ученици во Хрватска не дошле на училиште поради позитивен тест за ковид или мерка на самоизолација, а 1.580 образовни работници останале дома од истите причини. Моментално позитивен тест имаат 6.468 ученици и 1.391 вработен, што е зголемување за 680 ученици за само еден ден и 95 вработени.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера во интервју за грчката телевизија „Антена", како што јави дописничката на МИА од Атина, во врска со пандемијата рече дека постои умерен оптимизам за омикрон сојот. Објасни дека по брзото зголемување на новозаразените на крајот од минатиот месец сега постои деескалација, а податоците покажуваат дека новата варијанта „горе-долу наликува на летна бура: висок интензитет, брзо се интензивира, но и брзо заминува".

Со оглед на тоа од 16 јануари стапува во сила одлуката за задолжителна вакцинација на граѓаните над 60 години, Мицотакис рече дека засега, Владата нема намера да ја прошири задолжителната вакцинација и на други категории, но и уште еднаш повтори дека целосно вакциниран се смета оној кој ја примил и бустер дозата.

-За некој да биде целосно вакциниран, треба да има примено три дози. И ова веќе е и законски регулирано. Не се смета за целосно вакциниран оној кој седум месеци по втората доза не примил третата. Па така не ги ужива сите привилегии, слободата што ја придружува сертификатот за вакцинација, објасни грчкиот премиер.

Додаде дека проценката на експертите е дека во одреден момент пандемијата ќе стане ендемична, а можеби тоа да се случи и со омикрон сојот. Дополнително, Мицотакис во интервјуто, уште еднаш ги отфрли сценаријата за воведување целосен карантин во земјата.

Унгарската Влада ќе предложи четврта, засилувачка, доза вакцина против КОВИД-19 за да се справи со ширењето на коронавирусот, соопшти владин претставник.

– Секој што сака ќе може да прими четврта доза од вакцините, но тоа ќе биде направено по препорака на лекар. Во недела и официјално ќе ја соопштиме нашата одлука, рекол изворот, пренесуваат локалните медиуми.

Во Унгарија, околу 60 отсто од населението е вакцинирано. Земјата има население од 9,8 милиони жители. Половина од нив имаат примено две вакцини. Бројот на новозаразени во изминатиот ден достигна 9.200 лица. Досега повеќе од 40.000 луѓе починаа од Ковид-19 во Унгарија.

Поради позаразниот и помалку смртоносниот сој омикрон, Индија минатата недела забележа голем пораст на бројот на заразени. Во земјата со 1,3 милијарди жители, во изминатите 24 часа се регистрирани над 264 илјади заразени, што е пропорционално помалку отколку во повеќето европски земји. Во изминатите 24 часа во Индија починале 315 лица, а од почетокот на пандемијата на КОВИД-19 се потврдени 485.350 смртни случаи.

Панел на Светската здравствена организација (СЗО) вчера препорача употреба на два лека – на фармацевтската компанија „Ели Лили" и на „ГлаксоСмитКлајн" и „Вир бајотехнолоџи" – додавајќи нови опции за лекување на пациенти со КОВИД-19 со оглед на тоа дека варијантата на коронавирус – омикрон многу брзо се шири.

Податоците на СЗО покажуваат дека омикрон, кој ја избегнува заштитата што ја обезбедуваат многу вакцини и терапии, е идентификуван во 149 земји. Омикрон брзо ја замени делтата како доминантна варијанта во неколку држави, принудувајќи ги владите и научниците да ја зајакнат одбраната преку тестирање, инјекции и терапии.

Комисијата во четвртокот силно го препорача лекот „барицитиниб" на „Ели Лили", кој се продава под брендот „Олумиант" (Olumiant), за пациенти со тешка форма на Ковид-19 во комбинација со кортикостероиди, додека условно ја поддржува терапијата со антитела GSK-Vir за полесни пациенти со најголем ризик од хоспитализација.

Досега, терапијата со моноклонални антитела GSK-Vir беше единствената што покажа ефикасност против омикрон во лабораториски тестови, додека слични третмани од „Eli Lilly and Co и Regeneron Pharmaceuticals" понудија помала заштита при ваквите тестови.

Експертите на СЗО забележаа дека ефикасноста на третманот со моноклонални антитела – лабораториски произведени соединенија кои ја имитираат природната одбрана на телото – против новите варијанти како што е омикрон сè уште е неизвесна, и велат дека упатствата за оваа класа лекови ќе бидат ажурирани кога ќе има дополнителни податоци.

Упатствата на СЗО, објавени во Британскиот медицински журнал, исто така наведуваат дека доказите покажуваат дека „барицитиниб" ја подобрува стапката на преживување и ја намалува потребата за респиратор, без забележано зголемување на негативните ефекти.

Француската медицинска хуманитарна организација „Лекари без граници" (MSF) ги поздрави упатствата на Обединетите нации и рече дека „барицитиниб" може да биде потенцијална алтернатива на тековните третмани со моноклонални антитела препорачани од СЗО, кои сè уште недостасуваат во многу земји со низок и среден приход.

Европскиот парламент има нова претседателка на местото на починатиот Сасоли

Новата претседателка на Европскиот парламент е Малтежанката Роберта Мецола, која победи во првиот круг од изборите со 458 гласови.

„Давид Сасоли беше борец, тој се бореше за Европа, за нас, за овој парламент“, рече Мецола на почетокот на својот победнички говор, додавајќи дека ќе продолжи да оди по тој пат.

Таа им порача на европратениците дека Европскиот парламент мора да ги напушти Стразбур и Брисел и да се доближи до сите европски градови, да ја поддржи Конференцијата за иднината на Европа и да обезбеди успех на овој демократски проект. „Треба особено да ги слушаме младите“, рече Мецола, бидејќи 2022 година е европска година на младите.

Таа повика на заедничка борба против климатските промени.

„Треба да му покажеме на остатокот од светот дека борбата против климатските промени е нашата заедничка судбина“, рече новата претседателка на ЕП, додавајќи дека е можно истовремено да се зачува животната средина и да се зајакне економијата.

Мецола е третата жена што го води ЕП по Симона Веил (1979-1982) и Никол Фонтен (1999-2002). Таа е во Европскиот парламент од 2013 година, а во 2004 година како студент ја водеше кампањата за прием на Малта во ЕУ. Во трката за претседател на ЕП, Швеѓанката Алис Кунке освои 101 глас, а Шпанката Сира Рего од Клубот на левицата освои 57 гласа од 705 пратеници во Европскиот парламент.

Италијанскиот социјалист Сасоли, претходникот на Мецола на чело на парламентот, почина на 11-ти јануари во болницата во Авијано, каде што бил хоспитализиран од 26-ти декември „поради тешки компликации од дисфункција на имунолошкиот систем“.

„Недела неработен ден“ пред Уставен, ССМ се заканува со штрајкови

Сојузот на синдикатите се заканува со штрајкови и протести, доколку на Уставен падне Законот за недела неработен ден.

Претседателството на ССМ одржало вонреден состанок по информацијата дека Стопанската комора на Македонија ги оспорила измените на Законот, со образоложение дека тие се спротивни на слободата и пазарот на претприемништво.

Од Стопанската комора бараат сопственикот на компанијата да има право сам да одлучува дали фирмата ќе работи или не, а од друга страна да се зголемат инспекциските контроли во однос на контролата за плаќање на зголемените дневници за работа во недела. Нема информација кога Уставниот суд ќе одлучува за иницијативата..

Рот: Бугарија да ги спроведе пресудите на ЕСЧП и да признае македонско малцинство

Средбата мегу Ковачевски и Петков ја поздрави и поранешниот германски министер за Европа и актуелен пратеник во германскиот Бундестаг Михаил Рот.

Тој на неговиот официјален Твитер профил напиша дека Бугарија конечно треба да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и „да признае македонското малцинство во Бугарија“.

Во ЕУ ниту една земја не смее да одлучува за јазикот и културата на друга земја“, напиша Рот на Твитер.

притисни ентер