Активни 13.261 случаи на Ковид-19, колективен имунитет ќе се постигне само со вакцинација

Со есенските месеци ризик факторите да се добие Ковид-19 ќе бидат многу високи.

Нема ниту еден аргумент зошто граѓаните не би се вакцинирале, тоа е единствениот начин да постигнеме колективен имунитет, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче, апелирајќи до граѓаните да се вакцинираат. Според податоците од синоќа од Институтот за јавно здравје, од направени 5589 тестирања има 539 нови случаи на Ковид-19, 41 починато лице и 245 оздравени пациенти. Бројот на активни случаи во државава е 13.261.

– Нема ниту еден аргумент зошто граѓаните не би се вакцинирале, тоа е единствениот начин да постигнеме колективен имунитет и да бидеме заштитени. Ризикот да се добие Ковид-19 е многу висок. Сега, со есенските месеци, ризик факторите дополнително ќе се зголемуваат, луѓето повторно ќе бидат во затворени простории, затоа, апелирам граѓаните да ја сфатат оваа работа многу сериозно, рече вчера Филипче.

Филипче, вчера посочи дека откако започна вакцинацијата, и сега, со амплификацијата на целиот процес со новите мерки ситуацијата е многу подобрена, но, само кај вакцинираните граѓани.

– Сега имаме пандемија, вирус кој што многу се шири кај невакцинираните граѓани. Огромен процент од вкупниот број на дијагностицирани пациенти, над 87-87 се невакцинирани, исто така, од вкупниот број на починати, близу 90 проценти се невакцинирани граѓани, кажа министерот.

Филипче нагласи дека најавените нови мерки со кои само со примени две дози ќе може да се оди на настани, во затворени простории, во угостителски објекти и молови се логичен след на она што веќе како мерка е воведено и потенцираше дека и при следните мерки, ќе се остави доволно простор, две до три недели, за да можат граѓаните да се вакцинираат.

Во однос на ситуацијата, Филипче потенцираше дека таму каде опфатот со вакцинација е низок преоптоварен е и здравствениот систем, и обратно, онаму каде што има опфатот со вакцинација е прилично висок, како во Охрид, Неготино, Кавадарци, Вевчани, Штип, болниците можат да функционираат само во рамките на инфективните одделенија.

Министерот, на прашањето за третата доза вакцина, истакна оти најверојатно трета доза вакцина ќе биде потребна за сите граѓани.

– Очекуваме да излезат клиничките студии кои што ги прави компанијата „Фајзер". Според укажувањата и најавите, таа трета доза многу веројатно ќе биде потребна за сите граѓани, но сеуште е рано, чекаме да излезат официјалните студии и потоа да излеземе со соодветна препорака. Имаме голема разлика кај различни возрасни категории. Вкупниот број на вакцинација е 37 проценти на целокупното население, најмалку со една доза 45-6 проценти од граѓанте и околу 55-6 проценти кај граѓаните над 40 години. Како расте возрасната група на граѓани така се зголемува опфатот со вакцинација на пример близу 70 проценти од граѓаните над 70 години се вакцинирани, рече Филипче.

Независната советодавна комисија на американската Управа за храна и лекови (ФДА) изгласа препорака за трета доза на вакцина против Ковид -19 за Американци на возраст од 65 години и постари, како и за лица со висок ризик од тешки болести, откако со големо мнозинство е одбиена препораката за нејзина поширока примена. Комисијата, исто така, препорача ФДА да ги вклучи во одлуката здравствените работници и другите луѓе со висок ризик од професионална изложеност на коронавирусот, како на пример просветните работници.

Научната заедница во САД во изминатите денови е поделена околу потребата за трета доза и околу прашањето кој треба да ја прима, додека Светската здравствена организација не се согласува богатите земји да им даваат трета доза на своите жители, додека сиромашните држави немаат доволно вакцини ниту за прва доза.

Од почетокот на пандемијата вкупниот број ковид-дијагностицирани во државава изнесува 186.549, бројот на оздравени пациенти е 166.851, а на починати е 6.437.

ЕУ бара независна истрага за масовните гробници во болниците во Газа

ЕУ денеска објави дека бара „независна“ истрага за масовните гробници во близина на двете главни болници во Појасот Газа.

„Бараме независна истрага за сомнежите и околностите на тоа откритие, бидејќи тоа создава впечаток дека можело да има прекршување на човековите права“, рече Петер Стано, портпарол на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

ОН вчера повика на независна истрага за масовните гробници откриени во двете главни болници во Појасот Газа.

Во изјавата, високиот комесар на ОН за човекови права Фолкер Турк рече дека е „ужасен“ од уништувањето на најголемата болница во Газа, болницата Ал Шифа и медицинскиот комплекс Насер во Кан Јунис, како и од откривањето на масовните гробници до нив.

Израелската армија негираше каква било одговорност и рече дека е „неосновано верување“ дека ги закопала телата на Палестинците.

Претставник на цивилната одбрана во Појасот Газа вчера изјави дека неговите тимови во саботата откриле тела на 340 луѓе во масовни гробници во кругот на болницата „Насер“. /МИА

Повеќе од 280 милиони луѓе се соочиле со акутен глад минатата година, покажува извештај на ФАО

 Над 280 милиони луѓе во 59-те земји во светот каде кризата со храна е најтешка, се соочиле со акутен глад минатата година, покажува извештајот на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Се забележува дека иако вкупниот удел на луѓето во светската популација кои се соочуваат со голем недостиг на храна во 2023 година беше малку помал отколку во 2022 година, тој остана над нивото пред пандемијата.

Во него се нагласува дека процентот на луѓе кои се соочуваат од акутен глад останува висок, а главни фактори зад овој тренд се воените конфликти, екстремните временски услови и економските шокови, кои продолжуваат да го загрозуваат одржливиот развој на светот.

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации предупредува дека влошувањето на ситуацијата во светот како резултат на овие фактори претставува сериозна закана за глобалната безбедност на храната во тековната 2024 година.

Извештајот на ОН ги става Авганистан, ДР Конго, Нигерија, Судан и Етиопија во првите пет земји погодени со најакутна криза со храна. /МИА

Владата на Словачка ја одобри контроверзната реформа на јавната радио и телевизија

 Владата на Словачка денеска ја одобри контроверзна реформа на јавната радио и телевизија во земјата, чекор, кој според критичарите, ќе доведе до преземање на целосна контрола врз медиумите од страна на Владата.

Минатиот месец, илјадници луѓе се собраа во главниот град за да го осудат планот, кој беше широко критикуван од локалните новинари, опозицијата, меѓународните медиумски организации и Европската комисија.

Премиерот Роберт Фицо рече дека промените се неопходни, бидејќи јавниот радиодифузен сервис РТВС бил политички пристрасен и е „во конфликт со словачката Влада“. Предложените измени ќе значат дека тој ќе има нова организација.

Се очекува, Парламентот, во кој коалициската Влада на Фицо има мнозинство, во јуни да ги одобри измените. /MIA

притисни ентер