Ова информација оди во прилог на тоа дека причина за најголем дел од пожарите кој пеплосаа огромни шумски пространства е човекот, односно дека тие се намерно подметнати.
Претходно, беа откриени уште осум случаи, а против 11 пиромани се поднесени кривични пријави.
Во меѓувреме, продолжува борбата со големи пожари. За само 20 денови биле регистрирани над 760 пожари, а од почетокот на месецов, црниот биланс е повеќе од 440.
Ситуацијата во деновиве најкритична е во резерват „Јасен“ и над Пехчево.
Пожарот кој неодамна влезе на територијата на резерватот, активен е речиси еден месе. Овојпат огнениот крак се движи селото Белица.
Како што информираше директорот на „Јасен“ за Канал 5, досега во резерватот се пеплосани околу 5.000 хектари шума. Бараат повеќе жива сила за да се стави пожарот под контрола.
За тоа пак како се гаснеше пожарот во Јасен, можеби најдобро се гледа во видео кое објавија унгарските пожарникари кои од почетокот на месецов гаснеа токму во овој регион.
Вториот најкритичен пожар е во Пехчево, каде повторно гори од пред неколку дена. Градоначалникот на градот, Александар Китански верува дека до крајот на денот ќе биде воспоставена контрола врз пожарите.
Освен овие два, активни се уште осум други пожари, меѓу кои е и пожарот на планината Галичица, кој се шири во правец на врвот Магаро кон Стење.
Инаку, со цел да се уловат подметнувачи но и да се лоцираат пожарите, полицијата пред неколку дена ги активираше дроновите со термални камери, кои 24 часа го надлетуваат критичните жаришта.