Акцискиот план за кризна состојба утре пред Управувачкиот комитет и Влада

Македонија втор ден живее со прогласен кризна состојба, нови мерки и одлуки засега нема. 

Акцискиот план за справување со ширењето на корона вирусот кој што го подготви Главниот штаб за управување со кризи најверојатно утре ќе се најде пред членовите на Управувачкиот комитет. По ова според информациите на Канал 5 во најбрз рок и Владата ќе даде зелено светло по што ќе почнат да се спроведуваат конкретните мерки. Една од главните точки на Акцискиот план е вклучување на армијата во обезбедување на клучните точки, вели раководителот на штабот Стојанче Ангелов.

Но освен војската Главниот штаб предлага и вклучување на медицинскиот персонал со кој располага АРМ во борбата со пандемијата и сите органи на државната управа.

Во врска со сместувачките капацитети за пациенти, Ангелов вели дека засега не се размислува за евентуална пренамена на спортски сали и други објекти во Ковид центри, но доколку дојде до драстично влошување на ситуацијата последниот збор ќе го има Министерството за здравство.

Со Акцискиот план е предвидена и јавна кампања за подигање на свеста кај граѓаните за почитување на мерките против ширењето на корона вирусот. Во меѓувреме и МВР апелира да се почитуваат заштитните мерки. Само во текот на изминатото деноноќие речиси 700 граѓани на територијата на целата земја се казнети поради неносење на заштитна маска.

Откако завчера на територијата на цела земја е прогласена 30 дневна кризна состојба, ЦУК ќе биде телото кое што во следниот период ќе биде главен координатор на сите институции и ќе им дава насоки што треба да прават за успешно справување со епидемијата.

СЗО: Ако не научиме ништо од оваа криза,ќе доживееме нешто полошо

Главниот експерт за итни случаи на Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека светот ризикува нови пандемии доколку доживее „амнезија“ и ако не научи од сегашната криза предизвикана од ширењето на коронавирусот.

„Видов дека амнезијата како да влијае врз светот по трауматски настани и тоа е разбирливо“, рече Мајк Рајан на прес-конференција во Женева.

„Но, ако го сториме тоа повторно како што направивме по САРС, по вирусот Х5Н1, по пандемијата Х1Н1, ако продолжиме да игнорираме што можат да и направат нови и опасни патогени на нашата цивилизација, тогаш веројатно повторно ќе го доживуваме истото или полошото во остатокот од животот“, тој рече.

Рајан ги критикувал и развиените нации, велејќи дека северните земји управуваат со здравствените системи како „нискобуџетни авиокомпании“ и дека сега светот плаќа за тоа.

"На север, поради моделот на управување со трошоците на здравствениот систем, поставивме нашите здравствени системи да се користат 95, 98 или 100 проценти. Тоа е скоро како модел со ниска цена на авиокомпанија за здравствени системи", рече тој.

„Па сега ние ја плаќаме цената за тоа, затоа што немаме вграден капацитет за брзо проширување на можностите за одговор, затоа што на здравјето гледаме како на трошок во нашите економии, како на товар на развојот, ја оптоваруваме економијата и сега треба да размислиме што значи тоа“.

Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебреизус ги повика државите да не ја политизираат истрагата за изворот на овој коронавирус, велејќи дека тоа само ќе создаде пречки за наоѓање на вистината.

„Треба да го знаеме потеклото на вирусот, бидејќи тоа може да ни помогне да спречиме идни инфекции“, рече Тедрос.

"Нема што да се скрие. Ние сакаме да го знаеме потеклото и тоа е тоа", рече тој.

Завршил во затвор, зашто 80 пати се јавил во полиција

Рис Пилот од Петерсборо, Англија, по втор пат завршил зад решетки затоа што ја повикувал полицијата цели 80 пати за да им ждрига на телефонот.

Човекoт бил уапсен минатата година за истото „злосторство“, но е ослободен поради добро однесување. Откако се чувствувал слободен, повторно започнал да прави несоодветни телефонски повици, пишува „Sky News“.

Полицијата соопштила дека 28-годишникот се јавил на полицискиот број 999 повеќе од 80 пати и ждригал веднаш штом полицајците одговориле на повикот.

Во една прилика, Рис ја повикал полиција дури 24 пати во рок од 45 минути. Ова предизвикало блокада на линијата за итни случаи, поради што услугата не можела да одговори на вистинските повици.

Младиот човек е уапсен дури пет пати, а оваа година е обвинет за нарушување на јавниот ред и мир -тогаш признал сè пред судот, а потоа на 23 ноември е осуден на шест месеци затвор.

„Поединци кои ја злоупотребуваат услугата 999 на овој начин, треба да размислат како би се чувствувале ако на некое блиско лице им треба брза помош и не може да го добие бројот “, коментира началникот на полицијата Мајк Бранстон.

Елтон Џон апелира на масовно тестирање за ХИВ

Пејачот Елтон Џон се приклучи на водечката британска добротворна организација за борба против СИДА со повикот за помасовно тестирање за ХИВ за да се запре новиот пренос во земјата во рок од една деценија.

По повод утрешното одбележување на Светскиот ден на сидата, првата англиска комисија за ХИВ, чиј коосновач и познатиот пејач, ќе објави 20 препораки за искоренување на новите случаи на ХИВ до 2030 година, пренесува Ројтерс.

Се препорачува тестирањето за ХИВ да биде стандардна практика за пациентите кои се јавуваат кај нов лекар, поминуваат рутински тестови за брисеви или се примени во одделенијата за итни случаи во болница.

„Едно нешто што научивме оваа година е важноста на тестирањето и тестирањето за ХИВ е основата на ставањето крај на новите случаи на ХИВ во Англија“, рече Џон, чија добротворна организација собрала скоро половина милијарда долари за борба против ХИВ.

Во моментов, повеќе од 38 милиони луѓе ширум светот се заразени со ХИВ, а пандемијата на СИДА уби околу 33 милиони луѓе од почетокот на 80-тите години на минатиот век.

притисни ентер