Акција за пошумување „Засади со љубов, за Кисела Вода”

 Под мотото „Засади со љубов, за Кисела Вода” денеска на повеќе локации ќе се организира акција за пошумување во организација на општината.

Како што најавуваат од општинската прес-служба, ќе се засадат дрвца кои ќе го раззеленат и облагородат просторот и ќе бидат значаен чекор во обновување на екосистемот, намалување на загадувањето и спречувањето на поплави и ерозии.

– Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и голем број јавни личности, естрадни уметници, водители, актери, спортисти денеска преку промотивен спот ги повикаа граѓаните масовно да се приклучат во оваа акција, да засадат дрвце и да придонесат во креирањето на новиот раззеленет лик на Кисела Вода, посочуваат од општината.

Акцијата за пошумување ќе се одвива на локациите: новиот парк „Иднина” кај кружниот тек, на трим патеката, на Теферич, кај новата градинка во Усје, во паркот на „Есенинова“ и во парк „Македонија“.

Паралелно, посочуваат организаторите, дрвца ќе садат и деца од градинките и учениците во нивните образовни објекти.

Британски министер: На Албанците да им се забрани да поднесуваат барања за азил

На Албанците треба да им се забрани да аплицираат за азил во Велика Британија, бидејќи доаѓаат од навидум безбедна земја, изјави британскиот министер за емиграција Роберт Џенрик.

Џенрик предупреди дека илегалната миграција најверојатно ќе биде проблем во следните неколку години.

Британскиот министер изјави дека Албанците сочинуваат повеќе од една третина од 33.000 мигранти кои за девет месеци од оваа година дошле во Велика Британија со мали чамци преку Ла Манш и нагласи дека тие претставуваат приоритет број еден.

Роберт Џенрик рече дека таквите луѓе треба да бидат „исклучени од правото да бараат азил“, бидејќи предупреди дека сегашното ниво на миграција во Британија е „неодржливо“.

Неговите коментари дојдоа откако Министерството за внатрешни работи одби да го коментира извештајот на Сандеј Тајмс дека министрите работат на легислатива што може да им забрани на барателите на азил кои нелегално влегуваат да се населат во Британија.

Се известува дека министерката за внатрешни работи Суела Браверман го повикал Риши Сунак да ги поддржи плановите за приведување на секој илегален мигрант по пристигнувањето.

Владата е под силен притисок од конзервативните пратеници да се справи со проблемот со трговците со луѓе кои користат мали чамци за транспорт на мигранти преку Ла Манш.

Минатата недела премиерот Сунак ги одржа првите разговори со албанскиот премиер Еди Рама во кои се договорија да се затворат „дупките“ во спречувањето на брзото враќање на неуспешните баратели на азил, додека Џенрик сугерира дека сака Владата да оди понатаму.

„Албанија е докажано безбедна земја. Многу е тешко да се разбере како Албанец може успешно да поднесе барање за азил овде во Велика Британија“, изјави тој за GB News.

„Имаме договор за враќање, кој е потпишан пред една година, а веќе се вратија илјада Албанци. Гледаме што можеме да направиме таму.“

Бракот им траел само 24 дена- се развеле поради натпревар на СП во Катар

Пензионираниот бразилски фудбалер Адријано (40) се разведе по 24 дена брак со фризерката Микаела Мескито (25), објави Екстра Глобо.

Тие неколку дена објавуваа заеднички фотографии на Инстаграм, а во текот на еден викенд во октомври планираа забава за пријателите и семејството.

Сепак, според информациите на бразилските медиуми, Адријано и Мескита се скарале откако поранешниот репрезентативец отишол да ги посети пријателите во Пења, во јужниот дел на Бразил, за да го гледа натпреварот помеѓу Бразил и Швајцарија на Светското првенство во Катар. . По два дена се вратил дома, настанала расправија и престанале да се следат на социјалните мрежи.

Инаку, Адријано пристигна во Интер во 2001 година, а во следните пет години напредуваше до статусот на еден од најдобрите напаѓачи во италијанската лига. Но, следеше пад на формата, повреди и лични проблеми. Тој признал дека станал зависен од алкохол, во кој нашол утеха откако татко му починал. Тој официјално ја завршил кариерата во 2016 година.

Археолозите откриле што јаделе старите Римјани додека ги гледале гладијаторските борби

Според откритието на археолозите, како што јави Би-би-си, гледачите во античкиот римски амфитеатар Колосеум веројатно уживале во грицки направени од овошје, јаткасти плодови и маслинки.

На локалитетот се ископани бројни остатоци од храна, меѓу кои и остатоци од смокви, грозје, цреши, капини, ореви и друго. До овие откритија археолозите дошле додека ја истражувале канализацијата на оваа градба стара 2.000 години, а пронашле и коски од мечки и големи мачки, кои најверојатно биле користени за борби во арената.

Студијата започнала во јануари 2021 година и вклучувала чистење на околу 70 метри одводи и канализација под Колосеумот, кој останува еден од најпосетуваните знаменитости во Италија.

„Наоди како овие даваат слика на „искуствата и навиките на оние кои дошле на ова место за време на долгите денови на игри и прослави“, изјави за Би-Би-Си Алфонсина Русо, директор на Археолошкиот парк Колосеум.

Специјалисти архитекти и археолози користеле роботи водени со жица за да се движат низ сложениот систем за одводнување на арената, помагајќи им да го разберат секојдневниот живот во Рим, како и древните хидраулични структури.

Колосеумот бил најголемиот амфитеатар во Римската империја и престанал да се користи околу 523 година. Бил познат по одржувањето гладијаторски борби и други јавни свечености, кои можеле да ги следат до 50.000 гледачи.

притисни ентер