Со Бујар Османи ДУИ влегува во претседателската трка- лидерот на партијата Ахмети на прес конференција ги потврди долгонајавуваните шпекулации дека шефот на дипломатијата ќе биде нивниот предлог, откако пропадна идејата за консензуален кандидат со СДСМ. Под изборниот слоган „Не за Русија, да за Европа“ Ахмети рече дека руското влијание било вистинска закана за Македонија, а дел од решението според него е по изборите да се изгласаат уставните измени, а со тоа земјава да се изјасни дека е за Европската Унија.
-Поларната мечка, Русија, ни тропа на врата и е веќе во сите пори на нашето општество, дестабилизирајќи ги иституциите и влиаејќи во политичката сцена во земјата. Со Бујар го започнуваме најважниот референдум на нашето време. Оваа ваша доверба ќе ни овозможи со отворањето на Уставот да го спроведеме и Договорот со Бугарија и да ја деблокираме европската интеграција и така да и кажеме на Русија, оди си! - Али Ахмети – претседател на ДУИ.
На конгрес вечерва ќе се официјализира и кандидатурата на претседателот на „ЗНАМ- За наша Македонија“, Максим Димитриевски, најавија од неговата партија. Внатрепартиската анализа велат дека им покажала пласман во вториот круг и победа на изборите.
-На Македонија и е потребен татко на нацијата, чувар на идентитетот и заштитник на историјата. На Македонија и е потребна предвидливост, надеж, стабилност, сигурност, правда, иднина. На Македонија и е потребен претседател којшто ќе го даде максимумот за неа. На Македонија и е потребен Максим Димитриевски.- Никола Мемов – портпарол на „ЗНАМ- За наша Македонија“.
Дека ќе се бори за позицијата шеф на државата, најави синоќа и лидерот на „ГРОМ“ Стевчо Јакимовски, кој рече дека тој е решение, а не алтернатива на досегашните понуди од политичките партии.
-Имајќи го предвид моето долгогодишно искуство, годините коишто ги имам зад себе, белава коса, како и јасните политички ставови кои сум ги изразувал во изминатиот временски период, им даде за право на моите колеги да ме предложат. Стевчо Јакимовски – претседател на „ГРОМ“.
Досега кандидатури за претседателските избори најавија и Арбен Таравари како консензуален предлог на обединетата албанска опозиција, професорката Билјана Ванковска поддржана од Левица и д-р Вело Марковски. Бидејќи зад нив немаат најмалку 30 пратеници во Собрание, имаат обврска да соберат 10 илјади граѓански потписи преку подрачните единици на Државната изборна комисија, според роковникот од утре најдоцна до 8 март.