Кога Македонија ќе стане нормална европска демократска држава?

Љубомир Гајдов и Стевчо Јакимовски гости во Само Вистина

Дел од поентите:

Љубомир Гајдов:

- Зошто нашите иселеници не даваат пари во Македонија -велат не сме будали да дадеме и нашиве да ни ги украдат.

- Кога како новинар ги прашав ЕУ лидерите кога Македонија ќе стане нормална европска демократска држава, велат „кога ќе имате професионални медиуми да кажуваат кои се „апашите“ и кога ќе имате непристрасни судови -да ги праќаат во затвор“.

- Во Данска нема корупција, тие ги праќаат не во затвор -во лудница.

Стевчо Јакимовски:

- Недоволно квалитетни идеи се компензираат со апсења, пострапки, истраги.

- Најлошо е кога ќе има гнев и политичка мотивираност тогаш се прават најголеми грешки и тогаш се прават притисоци во правосудството.

- Да се тргнат дискреционите права на функционерите, треба континуирана системска борба со корупцијата.

Украинскиот претседател пристигна во Турција, денеска средба со Ердоган

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и првата дама Олена Зеленска синоќаа пристигнаа во официјална посета на Турција.

„Официјална посета на Турција заедно со првата дама. Средби со претседателот Реџеп Таип Ердоган и првата дама Емине Ердоган. Продолжуваме со сите напори за размена на воените заробеници – нашите луѓе мора да се вратат дома“, објави Зеленски на социјалните мрежи.

Тој додаде дека со турските власти ќе разговараат и за прашањата поврзани со сигурноста за обезбедување храна, додека неговата сопруга ќе се фокусира на образовната и културната дипломатија.

Шефот на Дирекцијата за комуникации на турското претседателство, Фахретин Алтун, најави дека Зеленски ќе престојува во официјална посета на Турција и дека турскиот претседател Ердоган денеска ќе го прими во Претседателската палата во Анкара.

Се очекува двајцата лидери да разговараат за стратешкото партнерство меѓу Турција и Украина, со фокус на зајакнување на односите во сите аспекти и договор за чекорите што треба да се преземат за натамошно зајакнување на соработката.

Хакан Фидан: Турција е подготвена да биде домаќин на украинско-руските мировни преговори

За време на разговорите на Минхенската безбедносна конференција, турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан му соопштил на американскиот специјален претставник за Русија и Украина Кит Келог и на државниот секретар Марко Рубио дека Анкара е подготвена да прифати мировни преговори за Украина.

Како што пренесува весникот Туркије, повикувајќи се на извори, Фидан за два месеци остварил четири телефонски разговори со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Фидан се состана и со новиот американски државен секретар Марко Рубио на Минхенската безбедносна конференција.

На средбата се разговарало за прашања поврзани со украинско-руската војна и се разговарало за случувањата во врска со можноста за воспоставување мир меѓу двете земји.

Шефот на турската дипломатија, кој се сретна со специјалниот претставник на Трамп за Украина и Русија, Кит Келог, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак и со украинскиот министер за одбрана Рустам Умеров во Минхен, како и со Рубио, рече дека Турција треба да биде дел од мировниот процес.

Турција го покренала прашањето да може да биде домаќин на прекин на огнот или мировни преговори, а, како што пишува весникот, се дознава дека Анкара изјавила дека има блиски врски со двете земји и може да придонесе повеќе од многу други актери.

Ибрахимовиќ: Милан има голема историја во Лигата на шампионите,сакаме да го победиме Феенорд

 Советникот на раководството на Милан, Златан Ибрахимовиќ ги сподели своите очекувања за реваншот на тимот против Феенорд во плејоф рундата од Лигата на шампионите.

Милан го загуби првиот натпревар на гостински терен со 1:0.

- Очекувам Милан да биде поконкретен и поагресивен и да покаже желба за победа. На првиот меч Феенорд играше на домашен терен со свои навивачи, а тоа е секогаш друга приказна. Мораме да се фокусираме на себе, да ја играме нашата игра и да го правиме она што знаеме да го направиме. Милан има голема историја во Лигата на шампионите, па сакаме да победиме. Секогаш сакаме да учествуваме на овој турнир. Прекрасни се моментите на решавачките натпревари. Ова е најдобриот момент што може да го има еден фудбалер. Сè зависи од тоа како ќе го живеете овој момент на теренот, изјави Ибрахимовиќ во пресрет на ревашот со холандскиот тим.

Натпреварот на „Сан Сиро“ ќе почне во 18:45 часот.

Аргентинскиот претседател за скандалот со криптовалутата либра: Сите знаеја во што се впуштаат

 Претседателот на Аргентина Хавиер Милеј синоќа првпат се огласи по викендот обележан со скандал околу промоцијата на криптовалутата либра ($LIBRA), јави аргентинскиот весник „Кларин“.

Во интервју за телевизијата „Тодо Нотисиас“, Милеј го релативизираше случајот, споредувајќи го со коцка: Ако одите во казино и загубите пари, на што се жалите, ако однапред знаете како функционира?.

Тој инсистираше дека учесниците во купопродажбата на криптовалутата, чии вредности нагло пораснаа, а потоа паднаа откако многумина брзо ги повлекоа вложувањата, „добрo знаеле што прават“ и „доброволно влегле во тоа“.

- Тоа е проблем меѓу приватни лица. Државата нема никаква улога тука, рече тој, дистанцирајќи ја аргентинската влада од можни обвинувања за измама.

Истовремено, тој негираше дека добил финансиски надомест за промовирањето на $LIBRA: „Тоа беше чист импулс“, рече Милеј, тврдејќи дека сакал само да сподели информација за нешто што изгледало профитабилно.

- Сите што учествуваа знаеја многу добро во што се впуштаат. Не е како да не беа свесни за ризикот, додаде аргентинскиот претседател.

Во меѓувреме, судија во Аргентина доби задача да води истрага за односот на претседателот Милеј со криптовалутата $LIBRA, поради наводите за измама.

Вчера, федералната судијка Марија Сервини беше избрана по случаен избор да раководи со истрагата, која ќе испита дали Милеј постапил незаконски.

Некои опозициски политичари предупредија дека Милеј може дури и да се соочи со судење за импичмент, во зависност од исходот.

Скандалот избувна во петокот, кога беше лансирана криптовалутата $LIBRA. Милеј го искористи својот налог на социјалната мрежа Икс за да ја промовира крипто-монетата, велејќи дека е дизајнирана да поттикне „економски раст преку финансирање мали бизниси и стартапи“.

Засилена со таква поддршка од висок профил, криптовалутата накратко достигна пазарна капитализација од 4 милијарди долари. Но, неговата вредност брзо почна да паѓа, што ги натера некои да ја наречат измама.

притисни ентер