37 лица приведени синоќа поради непочитување на полицискиот час

И покрај наредбата да не се излегува од дома, министерството за внатрешни работи со полни раце работа.

 За време на полицискиот час, синоќа се приведени 37 лица поради непочитување на забраната за движење, а вкупната бројка на граѓани кои биле затекнати надвор, а се евидентирани од полицајците изнесува 66 лица. Вкупната бројката од воведувањето на полицискиот час изнесува 301 лице од кои 138 се приведени во полициска станица. Во изминатото деноноќие е констатирано и дека едно лице ја прекршило мерката за самоизолација, а непочитување на мерките на Владата имало и од страна на три угостителски објекти.

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, за Канал 5 вели дека паричните казни ги одредува обвинителството, но станува збор за високи суми и тоа повеќе од 2500 евра. Со мерката полициски час, особено за викенд кога забраната за движење ќе биде поригорозна и ќе почнува од 16 часот попладне, Чулев смета дека граѓаните треба да ја сфатат сериозноста на корона вирусот.

Полицајците на терен во изминатите четири дена слушнале разни изговори од граѓаните. Министерот Чулев вели дека најчесто се правдале со расипан автомобил или неопходна посета на болни родители..

Инаку, по кривичната пријава од МВР за директорката на Клиниката за дерматологија Нина Цаца Билјановска, се огласија и од Јавното обвинителство од каде велат дека е поведена постапка за докторката, но се уште очекуваат детални податоци за лицата кои имале контакт со неа.

-Од СВР Скопје и Министерството за здравство се бараат податоци на кој ден поранешната директорка го држела предавањето, список на лица-учесници на тој семинар, дали и кои од тие лица биле заразени со коронавирусот и да се приложи писмена медицинска документација за инфицираноста, како на поранешната директорка, така и на учесниците на семинарот. – Основно јавно обвинителство.

Од обвинителството додаваат дека деталите се уште ги немаат, но доколку е потребно по обработка на документите ќе преземат и други дејствија, по што ќе донесат јавнообвинителска одлука за случајот.

притисни ентер