За викендот Македонија под целосен карантин

Корона кризата ја наметна социјалната дистанца како нов стил на живеење.

 Топлите пролетни денови наместо надвор периодов се повеќе ќе ги минуваме дома – особено откако се воведоа порестриктивните мерки за движење.

Овој викенд за прв пат ќе се соочиме со комплетна изолација. Излезот од утре од 16 часот па се до понеделник во 5 наутро ќе биде забранет. Стравот од четири ѕида периодов ќе биде сосема очекуван, вели неурофидбек терапевтката Катерина Милеска. Наместо да се гледа на карантинот како на негативна појава, Милеска потенцира дека сега е одлично време да се продлабочат односите во семејството.

„Препораки кои ги даваме во однос на целата карантинска состојба е да бидете со своето семејство, да поминувате време со најблиските бидејќи сега на некој начин, нели, ги нема оние изговори дека имаме работни обврски – напротив, го имаме целото слободно време и можеме да го искористиме максимално. Да бидеме емпатични, да внимаваме на своите емоции и емоциите на нашите дечиња.“вели Катерина Милеска, неурофидбек терапевт.

Родителите со помали деца, како што додава Милеска, е многу важно да знаат дека ситуацијата во која се наоѓаме на своите најмили треба да им ја објаснат на смирен, сталожен па дури и на креативен начин.

„Многу добра активност е правење на кутија каде што секој пат детето кога ќе почувствува било каква негативна емоција ќе може на овој начин да ја уништи со цел да може да ги искаже тие негативни емоции.“вели Катерина Милеска, неурофидбек терапевт.

Нејзината главна препорака гласи -  помалку дигитална технологија, а повеќе интеракција со најблиските преку игри и забава.

„Боење, слушање музика, пеење, цртање. Задолжително гушкајте се, давајте си комплименти. Изговарајте ја таа реченица: „Знам како се чувствуваш!“ затоа што моментално е многу важна емпатијата која што ја нудиме едни на други.“вели Катерина Милеска, неурофидбек терапевт.

Емотивната стабилност за најмалите во овие тешки денови е најважна. На ваков начин, според Милеска, фокусот се става исклучиво на активности кои ќе го унапредат менталниот развој на децата и ќе се чувствуваат посигурни.

притисни ентер