За Пендаровски е прифатлив модифицираниот француски предлог

За претседателот Пендаровски е прифатлив францускиот предлог за кревање на бугарското вето  и почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.

По седницата на Советот за безбедност на кој се разгледуваше овој документ тој изјави дека одлуката да се прифати предлогот нема да биде ниту историски триумф, ниту историски дебакл. Ако Владата го прифати овој предлог, смета претседателот, нема само Бугарија да го оценува нашиот напредок, туку и ЕК, што според него драстично ги намалува механизмите за Софија да не кочи во процесот.

-Според мене, станува збор за транзиционен компромис за една од фазите на европските интеграциите, за кој три елементи се битни и затоа предлогот, според мене, во оваа фаза, е прифатлив. Со предлогот ја креваме бугарската блокада и тој дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање, второ, овозможува скрининг процес, и, трето, ама баш со ништо, не го поткопува македонскиот идентитет затоа што за клучната одредница за македонски јазик во предлогот има чиста формулација, без фуснота“, изјави Пендаровски.

Со модификуваниот францускиот предлог историјата не е услов, тврди Пендаровски. Сепак и предложил на Владата да донесе заклучоци дека ако било кога понатаму во преговорите, Бугарија задира во нашиот идентитет, тогаш Македонија веднаш да ги прекине преговорите со Европската унија.

- Откако францускиот предлог ќе влезе во Владата, очекувам заклучоци на Влада кои во случај да го прифатат овој предлог, би морало да има реченица плус дека од денот кога ќе ги отвориме преговорите до денот кога ќе ги завршиме, ако има дополнителни обиди од бугарска или која било страна повторно да се споменуваат прашањата за македонски јазик, идентитет и историја, не треба да чекаме некој да не блокира, туку сами треба да излеземе“, кажа Пендаровски.

Што се однесува на билатералниот протокол со Софија кој се уште не е потпишан од наша страна, а кој содржи чувствителни моменти како говор на омраза, менување учебници, споменици, чии резултати ќе бидат дел од т.н годишни извештаи, Пендаровски смета дека протоколот сам за себе нема правна основа за Бугарија да не блокира, а сите точки, како што кажа, се двострана обврска.

Како најголема слабост на предлогот шефот на државата го оцени тоа што се бара внесување на Бугарите во Уставот во оваа фаза, бидејќи политичката поделеност во земјава според него никако не гарантира дека ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за вакви уставни измени.

Русите тврдат дека разбиле исламистичка терористичка ќелија

Врвниот функционер на Крим тврди дека руската безбедносна служба ФСБ разбила, како што рече, шестчлена терористичка ќелија на забранета исламистичка група.

Информациите доаѓаат еден ден откако серијата напади на Крим го уништија клучниот железнички центар што се користеше за снабдување на руските војници и како воена воздушна база.

„Сите се приведени. Терористичките активности беа координирани, како што се очекуваше, од територијата на терористичката држава Украина“, објави Сергеј Аксјонов на Telegram. Тој тврди дека уапсените биле членови на исламистичката група Хизб ут-Тахрир, која е забранета во Русија. Русија претходно соопшти дека нападите ги извршиле саботери. Украина не ја презеде одговорноста за нападите.

Четири големи езера во Швајцарија се со најниски водостои во историјата

Нивото на водите на четирите големи швајцарски езера се најниски досега забележани во август, што е логично со оглед дека од почетокот на 2022 година врнежите се многу ретки, објави Федералната канцеларија за животна средина.

Тоа се езерата Констанца, Луцерн, Лугано и Вален. Количината на вода што се влева во Рајна, со извор од швајцарските Алпи, никогаш не била толку мала во август.

„Во Швајцарија е забележан многу низок водостој, особено во централниот дел на земјата и на југ во областа Тичино“, рече Мишеле Оберхансли, шеф на службата за статистика на Одделот за хидролошки информации на Федералната канцеларија за животна средина. „Причината? Скудни врнежи во 2022 година“, изјави таа за АФП. Но нискиот водостој не го карактеризираат само споменатите четири езера.

Вредности значително под просекот за овој период од годината покажуваат и мерењата во езерото Маџоре на границата на Швајцарија и Италија, кое со 193 метри е најниската точка во Швајцарија, како и онаа во Цуг, рече Оберхансли.

Со исклучок на езерата во планинските венци Јура и Тун, нивоата на сите други големи швајцарски езера исто така се под долгогодишниот просек. Во исто време, многу швајцарски реки имаат многу ниско ниво на вода. Статистички, такво нешто се случува на секои дваесет години, а поретко на две години.

„Можеме да кажеме дека од почетокот на мерењето на нивото на водата, тековите на Рајна и Ројс никогаш не биле толку ниски во август“, рече Оберхансли. Таа додаде дека дождот, кој метеоролозите го предвидуваат за наредните денови, може „малку да ја ублажи“ проблематичната состојба во Швајцарија, но во секој случај „нема да биде доволен“.

Армијата заедно со граѓаните го прославува 30-годишниот јубилеј

Со традиционално испукување на плутони, прикажување на најновата воена опрема, показни вежби и со концерт на воениот оркестар и со музички ѕвезди, Армијата заедно со граѓаните вечерва на Воениот стадион во Скопје го прослави 30-годишниот јубилеј.

На манифестацијата присуствуваа министерката за одбрана, Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генерал – потполковник Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз, како и други гости.

На настанот организиран под мотото „30 години безбедност, стабилност, доверба“ се прикажа најновата и најсофистицирана опрема на Армијата вклучувајќи ги и новите оклопни транспортери JLTV Oshkosh, вештините на армиските специјалци, како и презентација на вежба со армиски кучиња.

– Овој настан замислен е како начин на кој што го прославуваме Денот на Армијата кој всушност е утре, меѓутоа ова е ден специјално за граѓаните. Затоа е и направен овде на Воениот стадион затоа што е лесно достапен и сите граѓани може да дојдат. Изложена е најголем дел од опремата која ја поседува нашата Армија, истакна министерката за одбрана, Славјанка Петровска на вечерашната изјава за медиумите.

Додаде дека станува збор за модерна софистицирана опрема, и дека досега се доставени вкупно шест возила.

– Тие се дел од големите планови за модернизација на нашата Армијата. Тоа се лесни оклопни возила кои се составен дел на вооружувањето на нашата Армија, изјави Петровска.

Таа информираше дека до крајот на оваа година ќе стигнат уште 27 исти вакви возила, а до 2028 треба да се испорачаат сите, со коишто ќе се заокружи комплетната бројка од 96 возила.

По презентацијата на воената опрема и воените вештини следуваше концерт на Воениот оркестар како и богата музичка програма каде што настапуваа Кики, Пере, Дац и Александар, Last Expedition, DJ Babura Jr. и Еурека танцовото студио.

притисни ентер