„Симулациската вежба за размена на информации во реално време" во Охрид

Во рамки на „Симулациската вежба за размена на информации во реално време", присутните ја проследиле и симулираната полициска операција на Специјалната антитерористичка единица – Тигар,

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Охрид имаше обраќање на „Симулациската вежба за размена на информации во реално време" организирана со координација на Министерството за внатрешни работи и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Оваа симулациска вежба е исклучително успешна и корисна, истакнал тој пред учесниците од земјите од Западен Балкан, амбасадорот на мисијата на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која, високите претставници на делегацијата на МВР на Република Чешка и претставници на проектот ИПА 2019 за борба против сериозниот криминал во Западен Балкан.

– Предизвиците со кои се соочуваат државите од регионот и пошироко во насока на сузбивање на транснационалниот организиран криминал, од година во година стануваат се покомплексни и налагаат продлабочување на меѓународната полициска соработка во делот на сузбивање на меѓународните организирани криминални групи инволвирани во различни видови криминал. Во овој контекст и Република Македонија заедно со земјите од регионот, ја препознава важноста од интензивна полициска соработка и ефикасна и ефективна размена на информации. Зајакнувањето на овој вид соработка, претставува приоритет врз основа на кој се надградува безбедносната и политичката стабилност на државите во Европа, нагласил министерот Спасовски, се наведува во соопштението од МВР.

Имајќи го ова предвид, подвлекол тој, Министерството за внатрешни работи било иницијатор за спроведување на оваа вежба како еден дополнителен напор за потврдување на добрите пракси и евентуално, утврдување на областите во размената на информации каде што постои простор за подобрување.

Министерот Спасовски потенцирал дека на регионален и меѓународен план, МВР изминатите години активно учествувало во размената на информации и спроведување на меѓународни истраги за организиран криминал и сузбивање на организирани криминални групи од меѓународни размери, како по сопствени иницијативи, така и со партиципирање во иницијативи на други држави, при што оствари интензивна соработка не само со земјите од регионот, туку и со земјите од ЕУ.

– Како домаќин на овој настан, Министерството за внатрешни работи на Република Македонија исполнува дел од задачите утврдени во рамки на Управната група за преземени обврски од областа на безбедност формирана како дел од Берлинскиот процес, со која годинава заеднички претседаваме со Обединетото Кралство, рекол Спасовски.

Тој изразил очекување дека извештајот што ќе го изготват претставниците на регионалниот проект за борба против организиран криминал ИПА2019 ќе укаже на евентуалните недостатоци и ќе даде препораки за нивно надминување, но исто така ќе ги потенцира и добрите пракси и искуства кои што ги користат земјите од нашиот регион.

Спасовски уште еднаш изразил голема благодарност до Мисијата на ОБСЕ за нивната перманентна поддршка и партнерство со МВР.

Во рамки на „Симулациската вежба за размена на информации во реално време", присутните ја проследиле и симулираната полициска операција на Специјалната антитерористичка единица – Тигар, која ја заокружила вежбата и ги ефектурала резултатите од неа, а во која полициските службеници се справуваат со терористи кои напаѓаат објект на критична инфраструктура употребувајќи нелегално оружје.

Продолжува бојкотот на наставата на турски јазик во гостиварската гимназија

Учениците и наставниците од паралелките на турски јазик во Средно општинско училиште во Гостивар (СОУ) продолжија со бојкотот на наставата.

Како причина ја наведуваат одлуката на ресорното Министерство за укинување на една паралелка во прва година.

Во дворот на гостиварската гимназија на протестниот собир покрај учениците и наставниците се придружија и родители. Од протестот беше порачано дека наставата нема да продолжи сè до промена на одлуката.

Наставниците сметаат дека укинувањето на една паралелка претставува етничка дискриминација врз турската заедница.

– Одлуката за укинување на паралелка не е само техничка, таа има и подлабоко влијание. Ние не знаеме кому одговара турската заедница да нема образувани граѓани. Тука станува збор за иднината на турската заедница во Македонија, а не само за иднината на неколку наставници и ученици. Ова училиште со децении образувало генерации кои дале значаен придонес во општеството. Бројот на ученици дозволува да останат три паралелки како што било и 20 години наназад. Затоа МОН треба да ја повлече одлуката за укинување на една паралелка, рече Менсур Матјан, професор во СОУ Гостивар.

Тој во име на неговите колеги го пренесе ставот дека бојкотот на наставата ќе продолжи сè до исполнување на нивното барање да се формира трета паралелка во прва година на турски јазик. За проблемот ќе ги известат и останатите институции и амбасади.

Од училишната управа на гостиварската гимназија информираат дека одлуката за затворање на еден од трите класа по турски јазик е на Министерството за образование и наука. За 102 ученици албанци, запишани во гимназијата во Гостивар, МОН одлучи да има седум паралелки, за 52 ученика за турски јазик две и исто толку за 16 ученици за настава на македонски јазик.

Годинава заради малиот број на ученици, во гимназијата бројот на паралелки се намали за две на албански и една на турски јазик. Управата бараше девет на албански, три на турски и две на македонски.

Во гостиварската гимназија во настава на турски јазик следат вкупно 250 ученици со 28 наставници. /МИА

Единствена Русија потврди дека обезбедила двотретинско мнзоинство на изборите

Владеачката парија на актуелниот руски претседател, Владимир Путин ќе го задржи мнозинството во парламентот и по изборите кои се одржаа изминатите три дена. 

За разлика од порано поддршката за ЕДИНСТВЕНА Русија е намалена, но и покрај тоа според првичните резултати објавени од Централната изборна комисија партијата освоила 49% од вкупниот број гласови или двојно повеќе од второрангираната комунистичка партија. Влез во руската Дума обезбедија и Либерално-демократската партија на Русија која освои 7,55 проценти, Само Русија со 7,37% како и Новата народна партија која го надмина потребниот праг освојувајќи 5,37%.

И покрај огромната победа, ЕДИНСТВЕНА Русија бележи драстично опаѓање на поддршката бидејќи во 2016та оваа партија освои 54% од вкупните гласови. Како причини за падот на рејтингот на владата на Путин,според тамошните анализи се наведуваат обвинувањата за корупција како и затворањето на критичарот на Путин, Алексеј Навални, а организациите кои се поврзани со него беа прогласен за екстремистички со што не им беше дозволено да се кандидираат на изборите.

-Денес завршуваат изборите. Овие избори се многу важни и ќе ја детерминираат иднината на нашиот град и земја. Изборите јасно покажаа дека граѓаните сакаат сувернитет, подобра стратегија за развој и решавање на социјалните проблеми на сите граѓани.-Сергеј Собјанин- градоначалник на Москва.

Резултатите од изборите уште еднаш ја потврдија моќта на партијата на актуелниот руски претседател Владимир Путин која со земјата владее од 1999та, а се уште е непознато дали Путин ќе се кандидира на претседателските избори закажани за 2024та.

На овие избори за прв пат од 1993 гласањето не беше следено од набљудувачите на ОБСЕ, а иако опозицијата обвинуваше за изборни нерегуларности, руското министерство за внатрешни работи соопшти дека гласањето поминало во најдобар ред и дека не се забележани значајни нарушувања во изборниот процес.

Лазаревска: ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги закочи измените за недела неработен ден

ВМРО-ДПМНЕ преку своите коалициски партнери се обидува да ги закочи измените за недела неработен ден.

По налог на Христијан Мицкоски, неговите коалициони партнери Алијанса и Алтернатива, овде во Собранието се обидуваат да закочат уште едни важни законски измени.

Претседателот на Комисијата за труд и социјална политика од редовите на Алијанса-Алтернатива, Хусни Исмаили, упорно не закажува седница на чиј дневен ред се измените и дополнувањата на Законот за работни односи, со кои недела станува ден за одмор за сите работници.

Овие измени на сила треба да стапат на први октомври, а денеска на десет дена пред тоj датум, опозицијата во Собранието се обидува да ги спречи тие измени.

Ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ, секогаш кога во Собранието треба да се носат закони кои се во корист на граѓаните, оваа партија на секој начин се обидува да ги блокира и закочи.

Овој пат тоа очигледно го прави преку своите коалициски партнери.

Ваквиот лицемерен и неодговорен однос на ВМРО-ДПМНЕ кон граѓаните е одамна прочитан и препознаен.

ВМРО-ДПМНЕ не може да понуди ништо освен лажни вести, деструкции и блокади, ВМРО-ДПМНЕ не знае ништо друго освен да работи на штета на граѓаните.

Затоа на изборите ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и нивните коалициски партнери ги очекува нов силен пораз од граѓаните.

Жаклина Лазаревска, пратеничка на СДСМ

притисни ентер