На Технолошко-металуршки факултет во Скопје денеска ќе биде отворена Лабораторијата за производство ИНО ФАБ ЛАБ, основана со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој во рамки на „Предизвикот за воспоставување лаборатории за производство FAB LABS – Младите создаваат" и со поддршка од Амбасадата на САД во државава.
-Лабораторијата ќе биде место каде што младите средношколци и студенти, кои имаат иновативни идеи и техничко-технолошки аспирации, ќе можат слободно да ја користат иновативната опрема во лабораторијата и да добијат менторска поддршка од стручни лица. Клучна цел на формирање вакви лаборатории е поттикнување иновативни идеи и зајакнување на инфраструктурата во земјава каде ќе се тестираат и прототипираат иновативните идеи, најавија од Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ, кое е носител на проектот.
ИНО ТЕХ КЛУБ, во партнерство со Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, преку овој проект, во период од една година ќе им овозможи на педесетина креативни средношколци и студенти да се вклучат во работата на конкретни проекти, кои ќе резултираат со развој на најмалку шест прототипови.
На настанот ќе се обратат директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Фестим Халили, претседателот на Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ, проф. д-р Игор Јорданов, професор д-р Билјана Анѓушева, в.д. декан на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, како и претставник од Амбасадата на САД.