Руски суперсонични бомбардери поставија светски рекорд во должина на летот(ВИДЕО)

Руските суперсонични бомбардери ТУ-160 го соборија светскиот рекорд за најдолг нон стоп лет за овој вид авиони, пренесува агенцијата ТАСС.

Пилотите на руското воено воздухопловство биле во воздух повеќе од 25 часа и поминале растојание од повеќе од 20 000 километри.

Руското Министерство за одбрана објави дека два суперсонични бомбардери ТУ-160 прелетале над неутралните води на Арктикот и Тихиот океан, како и на морињата Кара, Лаптев, Источносибирско, Чукотка и Баренцово.

Гориво се ставало во бомбардерите во воздух, во три наврати, од шест танкери ИЛ-78.

Претходниот рекорд е поставен во 2010 година, кога суперсоничните бомбардери ТУ-160 летале без престан 24 часа и 24 минути.

Уште две деца од струмичката градинка позитивни на Ковид-19

Уште две деца од струмичката градинка од истата група од која е првото, се позитивни на Ковид-19, потврди директорот Васил Бубев.

-Не може да се потврди дека станува збор за поврзаност со првиот случај на Ковид- 19 во групата, бидејќи едното од децата воопшто не се сретнало со првото позитивно дете, додека другото било во контакт само еден ден. Не е исклучена можноста да станува збор за пренос на вирусот од други лица во кругот на семејствата кои можеби се носители на вирусот, но се асимптоматски, изјави директорот Бубев.

Додава дека според епидемиолозите се уште не може да се утврди точно како се заразиле двете деца и дека постојано се преземаат сите мерки за заштита согласно протоколите.

Единаесетте деца од оваа група и тројца вработени се во изолација.

Првиот случај на коронавирус во струмичката градинка беше регистриран пред два дена. Детето било во градинка само три дена од отворањето, а од понеделникот не доаѓало, а утврдено е дека вирусот го добило од член на семејството. /МИА

ЕУ има план за мигрантите преку солидарност меѓу сите земји –членки

Европската комесарја за внатрешни работи ,Илва Јохансон, која во среда ќе ја претстави долгоочекуваната реформа на политиката за азил, повика на „задолжителен механизам за солидарност“ меѓу сите земји на ЕУ во случај на миграциски притисок.

„Мора да биде задолжително, сите земји-членки мора да помогнат во ситуација кога една земја-членка е под притисок и кога има многу луѓе на кои им е потребна заштита“, изјави денеска шведската комесарка, пренесува АФП.

„Но, ние исто така треба да го разгледаме видот на помошта“, нагласи Јохансон, имајќи ја предвид постојаната неподготвеност на некои земји да примат мигранти и неуспехот на системот за привремена распределба со квоти, одлучен за време на миграциската криза во 2015 година.

„Не станува збор само за преселба во една земја на ЕУ, туку може да има и помош на репатрираните баратели на азил“, продолжи таа.

Комесарката одби да даде детали за „новиот договор за миграција и азил“ што ќе биде претставен на 23 септември, две недели по пожарот во преполнетиот логор Морија во Грција.

Таа призна дека „многу е тешка задача да се најде предлог што ќе биде прифатен од сите земји-членки и Европскиот парламент“.

„Претпоставувам дека мојот предлог, кога ќе го претставам, нема да биде добредојден“, рече таа, но додаде дека се надева „дека сите ќе разберат дека тоа е избалансиран компромис“.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен им соопшти на европратениците во средата дека има намера „да ја укине Даблинската регулатива, клучна точка на политиката на ЕУ за азил што создава тензии, во корист на новиот европски систем за управување со миграцијата“.

Оваа регулатива ја доверува обработката на барањето за азил на првата земја на ЕУ во која пристигнува мигрантот, а земјите како што се Грција и Италија сметаат дека тоа е нефер поради нивната географска положба што ги става во прв план.

Илва Јохансон исто така истакна дека постапките за разгледување на апликациите треба да бидат „многу побрзи“.

притисни ентер