Нетанјаху: Постигнат договор за враќање на заложниците што ги држеше Хамас во Газа

 Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека е постигнат договор за враќање на заложниците што ги држеше Хамас во Појасот Газа. Тој најави дека денеска ќе го свика својот кабинет за безбедност, а потоа и владата за да го одобри договорот.

Соопштението дојде еден ден откако канцеларијата на Нетанјаху соопшти дека во последен момент имало неуспеси во преговорите за ослободување на заложниците во замена за прекин на огнот во Газа и ослободување на палестинските затвореници.

Според договорот, кој се очекува да стапи на сила в недела, 33 затвореници ќе бидат ослободени во следните шест недели во замена за стотици Палестинци затворени од Израел. Останатите, вклучително и машките војници, треба да бидат ослободени во текот на втората фаза, која ќе биде договорена во текот на првата. Хамас соопшти дека нема да ги ослободи преостанатите затвореници без траен прекин на огнот и целосно израелско повлекување.

Иако одобрувањето на договорот од страна на безбедносниот кабинет и владата се смета за сигурно, екстремно десничарскиот министер за национална безбедност на Израел Итамар Бен-Гвир се закани дека ќе ја напушти коалициската влада на Нетанјаху доколку таа се согласи со тоа.

Министерот за финансии Безалел Смотрич, лидер на партијата Религиозен ционизам, исто така може да се спротивстави на договорот за прекин на огнот. Доколку Бен-Гвир и евентуално Смотрич ја напуштат коалицијата, Нетанјаху ќе го загуби парламентарното мнозинство во неговата влада, забележува ДПА.

Седници на пет собраниски комисии

 Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за европски прашања, за финансирање и буџет,  за економски прашања, труд и енергетска политика, за здравство и Законодавно-правната комисија.

Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2024 година е единствена точка на дневен ред на собраниската Комисија за европски прашања.

Членовите на Комисијата за финансирање и буџет треба да ги разгледаат Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за девизната инспекција и Предлог-законот за изменување на Законот за Народната банка на Република Северна Македонија, сите по скратена постапка.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за санитарната и здравствената инспекција, по скратена постапка е единствена точка на дневен ред на Комисијата за здравство.

Членовите на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика ќе дискутираат за измените и дополнувањата на Законот за услуги, на Законот за трговија, на Законот за угостителската дејност, на Законот за заштита на конкуренцијата, на Законот за државен пазарен инспекторат, на Законот за инспекцијата на труд, сите по скратена постапка.

Законодавно-правната комисија ќе одржи две седници, 52-та и 53-та. На дневен ред на 53-та седница се Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за девизната инспекција и Предлог-законот за изменување на Законот за Народната банка на Република Северна Македонија, сите по скратена постапка.

На дневен ред на 52-та седница се 11 точки, меѓу кои и Предлог-закон за изменување на Законот за туристичката дејност, Предлог-законот за изменување на Законот за градежните производи, Предлог-законот за изменување на Законот за Државен инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, сите по скратена постапка.

Синдикатот на УПОЗ на протест пред Министерството за финансии

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) денеска ќе одржи протест пред Министерството за финансии. Како што е најавено, протестот ќе трае од 11:00 - 12:00 часот.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деановски вчера, на предупредувачкиот получасовен протест пред Државниот завод за статистика, изјави дека 988 вработени се уште немаат земено плата за декември иако е истечен законскиот рок.

-Се работи за вработените во сите инспекторати во државата. Поради доцнење на Министерството за финансии кое навреме не ги презеде обврските согласно законските измени, оставени се 988 вработени без плата, без вратени кредити, без платени сметки во најдолгиот месец од годината. Вчера истече и законскиот рок за исплата на плата која се исплаќа најдоцна до 15-от ден во месецот и се уште нема информација кога и дали овие вработени ќе добијат плата, рече Деаноски.

Завчера Владата го повика УПОЗ на разговор за, како што наведе, изнаоѓање решенија. Притоа потенцира дека платите не се високи, но и можностите на буџетот се лимитирани. Владата изрази и жалење што УПОЗ одбра да протестира иако е дел од Економско-социјалниот совет каде се дискутира за сите предизвици.

-Докажавме и покажавме дека сме партнер на работниците. Подготвени сме да седнеме на маса и да ги разгледаме сите предлози од страна на синдикатите. Доколку УПОЗ вистински се грижи за платите на работниците, ги повикуваме на разговор за изнаоѓање решенија. Во спротивно, останува сомнежот дека УПОЗ е синдикална организација која одработува за нечии партиски интереси и за собирање ситни политички поени на грбот на граѓаните. Отворени сме за постигнување договор со сите синдикални организации преку дијалог. Протестите не се најдобриот начин на комуникација, а секој предлог или сугестија од синдикатите се дискутира за да се изнајде решение прифатливо и во интерес на граѓаните, истакна Владата.

Според Владата, штрајкот како прво решение не е легитимен чекор и покажува политичка инструираност, а протестите се малициозни и политички мотивирани.

-Владата останува посветена на носење одлуки во интерес на сите граѓани и на зголемување на платите на вработените, но најдобар начин за изнаоѓање решение на проблемите и различните ставови е преку разговори, подвлече Владата.

[Владата вечерва со почеток во 21:00 часот, ќе ја одржи редовната 32-ра седница.]

Потсети и дека минатата година, и покрај наследената „катастрофална состојба“, заедно со синдикатите беше постигнат договор за покачување на платите во здравството и образованието.

-Претходната влада при подготовка на Буџетот за 2024 година не предвиде средства за исплата на К-15 на вработените во администрацијата, додека оваа Влада ги предвиде со ребалансот на Буџетот и исплати К-15 за 84 000 вработени во вредност од една милијарда денари, истакна Владата.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски претходно, на протестот пред пред Министерството за култура, изјави дека ќе биде залуден секој обид од страна на Владата или политичките партии да докажат дека има политика во протестите или работата на Синдикатот.

Протестите на Синдикатот на УПОЗ почнаа во вторникот пред Министерството за животна средина и просторно планирање. Тогаш Деаноски најави дека ќе продолжат секој ден, од 11 до 11:30 часот, како и дека во петок протестот ќе трае еден час, од 11:00 - 12:00 на пладне.

притисни ентер