Казнети 267 возачи во Скопје, 128 за брзо возење

На територија на Град Скопје во текот на вчерашниот ден изречени се вкупно 267 мерки во контролите во областа на сообраќајот што го спроведува Секторот за внатрешни работи Скопје.

Како што соопшти МВР, за возење повеќе од дозволената брзина изречени се 128 санкции, 12 мерки за возење без возачка дозвола, 31 меркa за некористење на сигурносен појас, седум санкции за управување под дејство на алкохол...

- Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта, се наведува во соопштението од МВР.

Бајден утре ќе го пречека Зеленски за разговори во Белата куќа

Претседателот на СAД Џо Бајден утре ќе биде домаќин на својот украински колега Володимир Зеленски, со кого ќе има средба во Белата куќа.

Бајден го повика Зеленски за „да ја нагласи непоколебливата посветеност на САД да го поддржат народот на Украина додека тие се бранат од бруталната руска инвазија“, рече портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.

„Додека Русија ги засилува нападите со ракетни и беспилотни летала против Украина, лидерите ќе разговараат за итните потреби на Украина и за виталната важност од континуираната поддршка од САД во овој критичен момент“, додаде таа во изјавата.

Кабинетот на Зеленски на Телеграм објави дека украинскиот претседател ќе пристигне во Вашингтон на 11 декември и ќе се сретне со Бајден за време на работната посета која ќе опфати „низа состаноци и разговори“.

Клучни теми на посетата ќе бидат одбранбената соработка меѓу САД и Украина, „особено преку заеднички проекти за производство на оружје и системи за противвоздушна одбрана, како и координација на напорите на нашите земји во наредната година“, објави кабинетот на Зеленски. /МИА

Декемвриско заседание на Европскиот парламент во Стразбур

 Од денеска до четврток во Стразбур ќе се одржи пленарна седница на Европскиот парламент, во чии рамки ќе биде организирана и церемонија на врачување на овогодишната Награда за слободата на мислата „Сахаров“, јави дописникот на МИА од Брисел.

Заседанието почнува попладнево со дебата за предложените измени на правилата на ЕУ за попрецизно означување на карактеристиките на земјоделско-прехранбени производи, како мед, овошни сокови и џемови, со цел да им се овозможи на потрошувачите при купувањето на овие продукти да бидат подобро информирани за нивните состојки. Во продолжение европратениците ќе расправаат за нивните предлози за изборите за членови на Европскиот парламент предвидени за јуни идната година, поврзани со начините за поттикнување на поголема излезноста и за зајакнување на демократските процеси, како и за механизмот за избор на идниот претседател на Европската комисија. Гласањето по овие предлози е закажано за утре.

За утре е предвидена и церемонијата на доделување на наградата „Сахаров“ на овогодишните лауреати, покојната иранска активистка за женски права Џина Махса Амини и движењето „Жена, живот, слобода“ во Иран.

Џина Махса Амини беше 22-годишна Иранка со курдски потекло, која почина во септември минатата година во притвор во Техеран од последици од физичкото малтретирање од страна на припадници на иранските безбедносни служби. Нејзината смрт предизвика масовни протести во Иран против законите со кои се дискриминираат жените во земјата.

На дневниот ред на утрешното продолжение на парламентарното заседание е дебатата и гласањето за усвојување на Законот за критични суровини, кој има за цел да го зајакне снабдувањето со стратешки суровини и да ја зголеми конкурентноста и суверенитетот на ЕУ во овој сектор.

За утре попладне е закажана и расправата посветена на состојбата во Газа, во чии рамки европратениците ќе дебатираат со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел за потребата од ослободување на сите заложници од страна на Хамас, за постигнување хуманитарен прекин на огнот во актуелниот конфликт и за изгледите за мировно решение за израелско-палестинскиот спор според моделот за постоење на две држави – Израел и Палестина.

Во текот на утрешниот ден европратениците ќе расправат за измените во правилникот на Европскиот систем за здравствени податоци, со кои би се овозможило полесен електронски пристап до информациите за здравствената состојба на пациентите, вклучително и кога тие се наоѓаат во друга земји членка на ЕУ. Изјаснувањето на пратениците за олеснувањето на пристапот до здравствените податоци е превидено за в среда.

В среда на дневен ред на седницата е дебата посветена на декемврискиот Самит на ЕУ, што ќе се одржи в четврток и петок. На дебатата со претставници на шпанското претседателство со ЕУ и на Европската комисијата, се очекува европратениците да ги изнесат своите барања и очекувања од Самитот.

Истиот ден е предвидена и дебата на европратениците со шпанскиот премиер Педро Санчез, кој пред Европарламентот ќе ги презентира резултатите од претседавањето на Шпанија со Советот на ЕУ во периодот јули-декември 2023 година. Во пресрет на дебатата, предвидена е и билатерална средба на Санчез со претседателката на ЕП, Роберта Мецола./МИА

притисни ентер