„Само Интервју” со Бујар Османи

Во вечерашното „Само Интервју” гостуваше Бујар Османи.

Штетно за нас ако влеземе во негативна политичка реторика со Бугарија, сензитивен сум на идентитетските прашања на Македонците но сигурен сум каде сме тргнале и каде ќе стигнеме, рече Османи.

Политичарите може да најдат решенија но можно е некогаш да бидат оспорени, најдобро е комисијата да даде решение што ќе биде научно поткрепено, рече Османи.

Германското претседателство е исклучително принципиелно но тоа нема да ни ги реши проблемите, ако билатерално не си ги решиме. Оптимист сум, но не исклучувам компликација, рече Османи.

Повеќе детали погледнете во најновото издание на „Само Интервју”

Скопје и Тетово се најдоа на листата на најзагадени градови

Македонските градови убедливо котираат на светските листи по загаденост. 

Скопје синоќа пред полноќ беше петти најзагаден град на планетата со просечна концентрација од 177 микрограми на метар кубен ПМ10 честички. Тетово, пак, шампион според индексот на загаденост за средината на 2020 година со вредност 97,44 – далеку пред градовите од земји кои важат за екстремно загадени.

Екологистите алармираат дека ова е системски проблем кој бара внимание преку целата година а не само кога ќе се спуштат температурите. За Антонио Јовановски од невладината „Биди зелен“ фокусот треба да се удри врз индустријата. Бара законот за индустриски емисии кој веќе две години седи во фиока што побрзо да се најде пред пратениците.

„Законот за индустриски емисии да не се одложува бидејќи овој закон е подготвен уште во 2018 година, но се уште не е ставен во собраниска процедура поради тоа што тој закон во суштина ги покачува стандардите за квалитет на воздухот, односно сите оние стандарди за животна средина а самите индустрии не се спремни да инвестираат за да може да го подобрат своето работење.“вели Антонио Јовановски, НВО „Биди зелен“.

Јовановски додава дека инспекторите треба да ги има во многу поголем број, да работат синхронизирано и да се соодветно квалификувани за да нема селективно казнување на загадувачите.

„Главни извори на загадувањето, на крајот од денот, се сиромаштијата и корупцијата. Инспекторите кои што одат да ги проверат индустриските капацитети треба да не се подмитливи, треба да функционираат од интегритет а тие прашања се поврзани со партизација на јавна администрација.“вели Антонио Јовановски, НВО „Биди зелен“.

Скопскиот градоначалник Шилегов најави дека наскоро ќе се потпише договор за заедничка соработка меѓу локалните инспектори и помош од другите инспекторати кои не се директно поврзани со заштита на животната средина.

Продолжи судењето за „Меѓународен сојуз“, се изведуваат материјални докази

Пораки и Whatsapp комуникација помеѓу Боки 13 и екс пратеничката Фросина Ташевска Ременски од 2017 година се најде помеѓу доказите за случајот Меѓународен Сојуз. 

Во една од пораките Ременски му пишува:

-Боки душо, за вечер планирај да се видиме околу 21 часот. Јас досега се видов со неколку “фаци”.

Неколку дена подоцна пак откако Боки 13 и пишува дека и договарал средба со извесни младински организации на студенти со хендикеп и пишува:

Биди строга. Остави впечаток максимален. Јас те претставив како страв и трепет, добро е.

Екс пратеничката Ременски која во случајот е обвинета за помагање, пред почетокот на рочиштето рече оти има сознанија дека обвинителството ќе повлече дека од доказите против неа кои се однесуваат на прибавената документација од претресот во нејзиниот дом за кој тврди дека е незаконски. Таа најави и кривични пријави против лица во МВР и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Судењето започна во напната атмосфера и расправија помеѓу Боки 13 и судијката Софче Гаврилова Ефремова откако таа кажа дека претседателот на судот му го одбил барањето за нејзино изземање, по што тој повторно побара изземање на целиот Судечки совет.

-Се сомневам дека се работи за политички предмет, дека овој Судечки совет е контролиран од политичките власти, од премиерот Зоран Заев и сите останати високи функционери.-Боки 13 Обвинет во Меѓународен Сојуз.

Во случајот кој е во доказна постапка обвинети се и Јасна Мандиќ - Ерцеговиќ, заменик-претседателка на невладината организација, и асистенката на Боки, Христина Блажевска, како и неговиот татко Миле Јовановски за помагање во перење пари.

МЗ: На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 812 пациенти, слободни кревети има

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 812 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 68 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19.

Во болницата во Штип се хоспитализирани 55 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 47 пациенти, во Велес се лекуваат 64 болни, а во Куманово 118 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 110 пациенти, во Прилеп 112, во ковид центарот во Гостивар 55, а во Струга 21 болни.

Во болницата во Струмица лежат 79 пацинети, во Кочани 20, во Кичево 15, Кавадарци 40, а во Гевгелија 7 лица позитивни на корона вирусот. Имајте во предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.

Вкупната бројка на пациети позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1297 и има колку 150 празни болнички кревети во ковид центрите. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.

Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.

И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Одделение за односи со јавноста

Министерство за здравство

притисни ентер