"Добредојдовте во НАТО" - американски воени авиони утре со прелет над Скопје ќе го поздрават членството на Македонија во Алијансата

Американската поддршка на нашата земја продолжува со несмален интензитет и по влезот во НАТО, соопшти Министерството за одбрана.

Утре околу 11.20 часот два авиони на американското воено воздухопловство придружувани од два воени авиони на Грција, ќе извршат прелет над територијата на Македонија.

Прелетувањето ќе биде во чест на нашето членство во НАТО. Авионите ќе летаат долж реката Вардар, а ќе дојдат од правец на скопскиот аеродром.

"Нашите американски сојузници испраќаат силна порака дека нашите две земји одржуваат одлична соработка и дека по континуираната поддршка што ни ја даваа на патот кон НАТО, и по влезот во Алијансата остануваат и понатаму наш силен сојузник и стратешки партнер", потенцира министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Американските авиони ќе полетаат денес од сојузната држава Јужна Дакота и ќе имаат 30 часовен непрекинат лет со полнење гориво во воздух. Доколку временските услови го озвозможат тоа, заинтересираните граѓани ќе можат да го набљудуваат прелетот на американските авиони и авионите придружници од грчката воена авијација над Скопје. Авионите над нашата земја ќе летаат на височина од 1.500 метри и нивниот прелет ќе биде проследен со силен звук. Демонстрацијата на овој прелет ќе биде уште една потврда за срдечниот прием на Македонија во НАТО и сигнал за продолжување на соработката.

Членството на Македонија во НАТО започна со широка поддршка од страна на сојузничките земји, која се покажа и при здравствената криза од коронавирусот со бројни донации во медицинска и заштитна опрема од страна на сојузниците. Како нова членка на НАТО, Македонија е опфатена и со програмата за воздушно патролирање која е ексклузивна само за членките на Алијансата и чија цел е заштита на небото на државите од НАТО.

Кинескиот претседател во ООН:Нема да водиме ниту студена, ниту жешка војна со ниедна земја

Пекинг „нема намера да води ниту студена , ниту жешка војна со која било земја“, рече кинескиот претседател Си Џинпинг на Генералното собрание на ООН, во време на зголемени тензии меѓу Кина и САД.

"Ќе продолжиме да ги намалуваме разликите и ќе ги решаваме споровите со другите преку дијалог и преговори. Нема да работиме само за наша сопствена корист", рече Си во претходно снимениот говор на годишниот собир на светските лидери што се одржа виртуелно поради пандемијата.

Долгогодишните тензии меѓу САД и Кина избија во време на пандемијата, поради желбата на Пекинг да преземе поголема мултилатерална улога и со тоа да се спротивстави на традиционалната лидерска улога на Вашингтон.

Бидејќи коронавирусот првпат се појави во Кина, Вашингтон го обвинува Пекинг за влошување на ширењето на епидемијата поради недоволна транспарентност.

Кина ги негираше ваквите обвинувања.

Во својот говор, Си повика светот да одговори на вирусот на глобално ниво и да и ја даде главната улога на Светската здравствена организација.

Трамп најави дека Соединетите држави ќе се повлечат од СЗО и ја обвинува агенцијата дека е кинеска марионета, што СЗО го отфрла.

"Во справувањето со вирусот, треба да ја зајакнеме солидарноста и заедно да го поминеме. Ние треба да дозволиме науката да нè води и СЗО да игра водечка улога", рече Си.

„Секој обид да се политизира ова прашање или да се стигматизира мора да се отфрли“, рече тој.

Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш претходно во обраќањето пред Генералното собрание пред 193 члена рече дека мора да се стори се за да се избегне нова Студена војна.

Светот оди во „многу опасна насока“, рече Гутереш, додавајќи: „Нашиот свет веќе не може да си дозволи иднина во која двете најголеми економии ја делат Земјата. Технолошките и економските поделби неизбежно се закануваат да прераснат во геостратешки и воени поделби“.

ФИТР ги презентираше проектите избрани на јавниот повик „Стартапувај 2“

Фондот за иновации и технолошки развој ги презентираше проектите избрани на јавниот повик „стартапувај 2“, наменет за поддршка на стартап компании.

Се работи за проектите од првиот и вториот инвестициски бран, за кој беа обезбедени дополнителни средства од ФИТР.

Деталите од разговорот со директорот на фондот, Јован Деспотовски ги има Игор Манасиевски

Се зголемува бројот на новозаразени и во Шведска, се разгледуваат нови мерки

Шведска, каде што претходно беше отфрлена изолацијата како средство за борба против ковид-19, ги бележи првите знаци на зголемување на бројот на заразени и сега може да воведе нови мерки во главниот град, соопштија здравствените власти.

Шведскиот модел на давање предност на личната одговорност на секој граѓанин пред ограничувачките мерки наметнати од владата, беше остро критикувано кон крајот на пролетта кога земјата имаше значително поголем број жртви од соседството, но официјалните лица на Светската здравствена организација (СЗО) сметаа дека тоа е одржлив модел.

Инфекциите значително опаднаа ова лето, а Шведска досега го избегнуваше наглиот пораст на нови инфекции со кои од минатиот месец се соочија Шпанија, Франција и Велика Британија.

Сепак, заклучно со петокот, потврдени се околу 1.200 нови случаи и пет жртви. Зголемувањето на новите случаи не може да се објасни само со зголемениот број тестови, објави Агенцијата за јавно здравје.

„Просечниот број на новоинфицирани расте“, рече Андерс Тегнел, водечки државен епидемиолог и автор на шведскиот модел.

„Ова досега не влијаеше на здравствениот систем“, рече тој, додавајќи дека бројот на нови случаи е многу мал, како и бројот на смртни случаи.

"Но, не можеме да исклучиме воведување нови мерки во главниот град. Разговараме со надлежните во Стокхолм за тоа дали треба да се воведат нови мерки за да се намали ширењето на инфекцијата. Што точно ќе се случи, ќе разговараме наредните пет дена", додаде тој.

Шведска имала 5870 смртни случаи од почетокот на пандемијата, што е далеку повеќе по глава на жител отколку во соседните нордиски земји, но има и помалку отколку Италија и Шпанија кои избраа целосна изолација.

притисни ентер