„Еден од моите пријатели, поточно камерманот, се разбуди едно утро и сфати дека нема фотографи, нема новинари, нема медиуми овде. Така, му дојде идејата да направиме една лажна телевизија и да шетаме наоколу и да правиме интервјуа со луѓето. И кога го сторивме тоа, им се допадна на сите, на бегалците, на волонтерите, на медиумите, на сите им се допадна. “ – вели еден од членовите на „новинарската екипа“ во интервју објавено на јутуб во кое објаснува дека повеќето од медиумите на Идомени, ја покажуваат само лошата слика на бегалците, кога се тепаат меѓу себе и кога има проблеми, а никој не ја покажува позитивната страна.

Со помош на волонтерите, добиле и вистинска камера која ги следи новинарот и камерманот, а „вестите“ од Идомени ги закачуваат на нивната фејсбук страница.

„Некои луѓе се навистина уморни,тие сакаат да зборуваат за проблемите, па ние се обидуваме да одиме кај семејствата, кај сите тука. Ги прашуваме, кои се вашите проблеми тука, што сакате да кажете, која е вашата порака. Ние разговараме за се тука. “ – велат од членовите на „новинарската екипа“.

Силниот ветер во импровизираниот камп, пронајдената змија, ставот за флаерите кои ги дели грчката полиција, ситуацијата на Идомени, интервју со волонтери се дел од прилозите на Refugees TV, објавени на нивната фејсбук страница.

Според денешните официјални податоци од грчката влада, на македонско грчката граница, во импровизираниот камп се уште има над 10 172 бегалци и мигранти, додека пак низ цела Грција вкупниот број е 53980 лица, од кои нешто помалку од 30 000 се наоѓаат во северниот дел на земјата.

Датум на објава: петок, 29 април 2016 во 14:37
Сања Ристовска
Обновено во: 14:52

коментари

остави коментар