Настапија МПЗ „Ријека Семпре Алегро“ од Риека и ХГД „Звијезда Даница“ од Краљевица, двата под диригентство на Хелга Дукариќ-Дангубиќ,  и ГМХ „Вардар“ од Скопје, под  диригентство на Јасмина Ѓорѓеска, во пијано придружба на Андреј Наунов. Иако аматерски, трите хора ја одушевија многубројната велешка публика која ги награди со долг и силен аплауз.

Хелга Дукариќ-Дангубиќ изјави дека соработката со ГМХ „Вардар“ од Скопје започнала минатата година кога имале два заеднички концерта во Риека и во Краљевица, а по гостувањето во Велес, вечер ќе настапат и во Скопје. Таа сенадева дека соработката ќе продолжи.

- Го завршивме концертoт на трите хора со заеднички настап  со песната „We Are The World“, со една порака сите на светот да бидеме обединети и пријатели и кон тоа да тежнееме. Музиката отсекогаш ги спојувала луѓето од сите нации и националности. Тука сите сме исти на светот и нам ништо не ни е важно освен музиката која не спојува да се дружиме и меѓу нас да постои пријателството, рече Дукариќ-Дангубиќ.

Двата хора од Хрватска се аматерски. Хорот„Звијезда Даница“ од Краљевица постои 122 години и е меѓу најстарите хорови во Хрватска. На концертот се претставија со хрватската народна песна. Хорот од Риека, пак, настапи со многу светски познати популарни песни и на крај со македонската песна „Елено ќерко“ во чест на нивните пријатели од Македонија.

Диригентката на хорот „Вардар“ Јасмина Ѓорѓеска искажа задоволство од заедничкиот концерт во Велес и соработката со двата пријателски хора од Хрватска.

- Задоволна сум од гостопримството на велешани и се надевам дека оваа соработка ќе премине во традиција. Нашиот хор изведе композиции од разни временски периоди и различни стилови, a освен македонската народна хорска обработка имaше и позната филмска музика, рече Ѓорѓеска. /МИА

Датум на објава: сабота, 16 април 2016 во 16:44
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар