Станува збор за Фејсал Шефуа, за кого се верува дека е еден од тројцата бомбаши на аеродромот, кој во последен момент се премислил и не се разнел.

Во меѓувреме, во Белгија растат и стравувањата дека терористите можеби имаат пристап во една од нуклераните централи, близу Брисел.

Белгиската полиција го склопи мозаикот. 30-годишниот новинар Фејсал Шефуа е единствениот преживеан терорист во нападите на аеродромот Завентем.

По четири дена од нападите, властите го уапсија мистериозниот маж со црна шапка и бело одело, еден од тројцата напаѓачи кои беа регистрирани на безбедносните камери на аеродромот. Властите се уште не ја потврдуваат информацијата, иако сите белгиски медиуми нашироко пишуваат за независниот новинар, познат по објавувањето видео снимки на интернет. Последен пат вниманието го привлекол пред две години, кога известувал од пред прифатен центар за нелегални мигранти, кога го осудил односот на властите дека не го почитувале рамазанскиот пост на мигрантите.
-Овде се случува кршење на човековите права. Во месецот на рамазанските пости на повеќе од 100 Муслимани им се нуди оброк пред прекинот на постот, изјавува Шефуа на снимката во 2014-та.

Тој бил идентификуван од таксистот, кој кобниот вторник ги превезувал тројцата терористи на аеродромот.

Шефуа бил апсен неколкупати за обид за врбување баратели на азил во исламистичките структури.

Обвинителство соопшти дека е уапсен уште еден осомничен со име Абубакир Хад. Во меѓувреме, Белгија ја крена на нозе информацијата дека можеби терористите имаат пристап до една од најголемите нуклеарни централи во земјата.

Веста следи откако член на обезбедувањето на нуклеарката Тианж, близу Шарлоа беше убиен пред два дена, но стравувањата пораснаа по информацијата дека неговата идентификациска картичка, со која се овозможува пристап до постројките е украдена. Обвинителството отфрли каква било можност смртта на вработениот да е поврзана со тероризам, иако признава дека нуклеарните постројки биле потенцијална мета на групата.

Белгиските власти денеска соопштија дека бриселскиот аеродром Завентем, кој беше мета на нападите ќе остане затворен најмалку до вторник.

Датум на објава: сабота, 26 март 2016 во 15:26
Гоце Герасимовски
Обновено во: 16:11

коментари

остави коментар