По месеци перипетија, изборно фијаско, внатрешни скандали и несогласувања, членовите на најголемата опозициска партија денеска гласаат на вториот круг на внатрешнопартиските избори.

Трката е меѓу поранешниот претседател на парламентот и привремен лидер на партијата, Евангелос Меимаракис и екс министерот за реформи и дел од политичкото семејство Мицотакис, Кирјакос Мицотакис.

Двајцата опоненти во суштина имаат слична политичка идеологија, дека партијата треба да биде центро-десничарска и проевропски ориентирана. И обајцата остро ја одбиваат идејата за било каква соработка и коалиција со владата на СИРИЗА и Независни Грци.

Останува да се види дали во изборот ќе преовлада караманлистичкото крило, кое индиректно се знае дека го поддржува Меимаракис или идејата да се избере помлад, пореформистички насочен лидер кој сепак со себе го влече политичкиот багаж на семејството Мицотакис.

Новиот лидер се очекува да ги залечи раните кои се креираа во неколкумесечниот изборен период и одново да ги обедини сите членови и симпатизери на партијата, вртејќи нова страница и давајќи и нова насока на партијата.

Предизборните бројки му даваа предност на Меимаракис, кој по оставката на Андонис Самарас неколку месеци ја водеше Нова демократија, соочувајќи се и со предвремените септемвриски избори на кои партијата не успеа да се избори и да излезе пред СИРИЗА на Алексис Ципрас. Дали ќе победи умереноста на Меимаракис или пак волјата за свежите реформи и новиот лик на Мицотакис, ќе се знае вечерва околу полноќ штом се пребројат гласовите од цела Грција.

Мнозинството грчки медиуми ги третира овие внатрешни избори на опозициската партија речиси како парламентарни, давајќи им огромна тежина и оценувајќи ги како клучни за политичката иднина на државата.

Датум на објава: недела, 10 јануари 2016 во 12:46
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар