„На домашен план, во однос на политичките случувања 2015та беше многу тешка година. Година во која се случи политичката криза, сигурно најтешката во историјата на независна Македонија, откако желбата да ја собори оваа власт, некого го натерала незаконски и криминално да организира и да снима телефонски разговори на голем број политичари и јавни личности, кои откога биле добро спакувани, во смисла едитирани, ставени во различен контекст и создадени наменски креирани материјали, со месеци беа оружје со кое се сакаше да се постигне јасна политичка цел, промена на власта во Република Македонија, и тоа на само неколку месеци претходно избрана од убедливото мнозинство граѓани на Македонија на организирани избори, кои никој друг освен нашиот политички опонент не ги прогласи за нефер или недемократски“, истакнува премиерот во новогодишното обраќање.

Тој додава дека доколку не постоеше оваа политичка криза наметната од опозицијата, економијата ќе се развиваше уште побрзо и многу поголем број на лица ќе се вработеа. Во своето обраќање премиерот се осврна и на настаните во Куманово, изразувајќи  жалење што во оваа година татковината загуби 8 херои.


„Не можам, а да не ги споменам и настаните во Куманово, кои дадоа еден друг печат на сите општествено политички и безбедносни случувања, настани кои според мене имаат историско значење, и сакам во ова мое обраќање да изразам жалење и сочувство, што во оваа година ние загубивме 8 човечки животи, полицајци кои херојски на браникот на Татковината, беа дел од силите кои се бореа и успеаа да го сузбијат нападот на организираната криминално терористичка група во Куманово. Тие 8 полицајци Македонија вечно ќе ги памети и ќе ги уважува на единствениот начин на кој што заслужуваат – како херои. За овој темен политички контекст и сите пропратни манипулации и случувања во оваа година нема да одам во детали во денешново обраќање до вас – вие ја живеевте таа година. Вие имате совршена проценка за секој еден момент од 2015 година, вие сте свесни, слободни и слободоумни граѓани, со изострено чувство за објективната стварност и со голема, голема мудрост, со зрелост и со капацитет за носење одлуки“, додава Груевски.

Во 2016 вие граѓаните ќе ја решите 2015 година. 2016 е година на народот, година кога народот на 24-ти април ќе ја соопшти својата одлука и ќе ја прати својата порака, истакнува премиерот и додава дека изборите во април ќе бидат фер и демократски и дека сите треба да направат максимум тоа да биде така. Во 2016, рече Груевски, за прв пат ќе биде применет реформираниот закон за избори, реформа, која како што нагласи, тој прв ја поддржува бидејќи  верува во својот народ. Според Груевски, следната година треба да биде година кога граѓаните ќе ја видат најсеопфатната програма што која било политичка партија воопшто ја направила во Македонија. Понуда која ќе значи подобар живот, повеќе проекти, мерки, реформи, дела, посветла и сигурна иднина.


Датум на објава: четврток, 31 декември 2015 во 14:27
Ивана Стојановска
Обновено во: 14:32

коментари

остави коментар