Напротив, се вели во текстот, според тогашниот директор на Македонски Телеком, Атила Сендреи, Владата многу лесно ќе била “убедена” да усвои закон за зачувување на монополот на неговата компанија.

Во документот што го објави „Република“ Сендреи пишува:

“Македонски Телекомуникации заедно со Маѓар Телеком во април 2004 година подготвија целосно нов закон за телекомуникации и и го предадоа на госпоѓица Шекеринска. Законот подготвен од страна на Македонски Телекомуникации беше во согласност со барањата на ЕУ. Нашиот совет беше тој текст да биде користен како основа на законот”, пишува во документот подготвен од Сендреи.

Во истиот документ се наведува дека поради притисок извршен од САД , преку агенцијата УСАИД, и американската консултантска куќа Буз Ален и Хамилтон, подготвен е нов закон во кој е предвидена либерализација на македонскиот телекомуникациски пазар, со што ова станува барање како на Европската Унија така и на САД.

Појавата на нов закон, спротивен на верзијата која ја подготвиле во Македонски Телекомуникации, предизвикала паника во компанијата, пишува „Република“ повикувајќи се на документот од Сендреи во којшто се објаснува дека компанијата била подготвена да поткупува македонски политичари за законот да оди во нејзина полза.

Во текстот на „Република“ понатаму се вели дека уште пострашно за тврдењето на Шекеринска дека, како вицепремиер за европски интеграции таа се борела против можноста е оценката на Сендреи дека постојат две опции да се отстрани законот подготвен од УСАИД.

“Од 26 декември претставници на Македонски Телекомуникации вложија многу напори да го сменат текстот на законот ОДВ (законот предложен од УСАИД) во верзијата на нашата работна група со убедување на клучните личности во предноста на нашиот предлог. Овие личности се клучните членови на комисиите каде може да се донесе позитивна одлука. Господинот Томе Тромбев има многу значајна улога како мост и е менаџиран од господинот Бузлевски. Опцијата број 1 е собраниските комисии и Собранието, преку низа убедувачки дискусии, преку амандмани да ја прифатат верзијата на работната група. Опцијата број 2 е, доколку некоја од комисиите реши другата верзија на законот да биде вратена до Владата, може да почне нова процедура при што верзијата на нашата работна група со леснотија може да биде вклучена како официјален нацрт закон”, пишува во документот подготвен од Сендреи.

Клучната обврска која македонската Влада ја презема во овие коруптивни зделки со грчки посредници и со унгарските директори, пишува „Република“ е да не дозволи влез на трет мобилен оператор во Македонија. Тоа е содржано во првата точка на Протоколот за соработка, кој бил склучен меѓу Бучковски и директорот на Маѓар Телеком Елек Штрауб. Македонија мораше да чека до 2007 година, кога Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА конечно распиша тендер за трет мобилен оператор, на кој победи групацијата Телеком Австрија, за во Македонија да се појави вистинска конкуренција на пазарот на мобилната телефонија и на интернет услугите.


Датум на објава: понеделник, 14 септември 2015 во 15:15
Јулијана Николовска
Обновено во: 15:25

коментари

остави коментар