Од стартната позиција на градскиот плоштад тргнаа околу 100 џипови и 70-тина мотори, додека на Царев Врв се приклучија околу 50 џипови и 80-тина моторџии од Македонска Каменица и Кочани. Стартот на патеката долга 64 километри е плоштадот во Крива Паланка, се минува низ прекрасните предели на Осоговските Планини, сѐ до манастирот свети Јоаким Осоговски, каде под покровителство на општината се организира заеднички ручек за сите учесници.

- Џип-релито Калин Камен прераснува во бренд на нашата општина, секоја година има се поголем број учесници, а изминатите неколку години оваа спортска манифестација добива и меѓународен карактер. Покрај бројните учесници од Велес, Пробиштип, Штип, Скопје, Куманово, Прилеп, Битола и Крива Паланка,како и од Кочани и М. Каменица, имаме учесници и од соседна Бугарија и Србија, изјави Спасе Алексовски, претседател на Авто мото клуб  „Офф Роад Осогово“ од Крива Паланка.

На релито традиционално учествуваше и градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, претставници од локалната самоуправа на општината, како и градоначалникот на општина Трговиште од Република Србија.

Манифестацијата има ревијален карактер, а се одржува  во чест на сесловенските просветители, свети Кирил и Методиј.

На годинашната манифестација беше истакната иницијативата за обнова на некогашната караула кој се наоѓа на Царев Врв, на тромеѓето помеѓу Крива Паланка, Кочани и Македонска Каменица.

- На иницијатива на сите офф-роудери од трите општини, како и на планинарите од истите договоривме да се изработи проект за обнова на некогашната караула која се наоѓа на Царев Врв, на 2085 метри надморска височина. Објектот освен како значаен паметник на историјата ќе може да се користи и за други намени, додаде Алексовски.

Организатори на манифстацијата која се одржува под мотото „Да ги запознаеме убавините на Осоговските Планини“, се локалната самоуправа на општина Крива Паланка и Здружението на граѓани  Авто мото клуб  „Офф Роад Осогово“. /МИА

Датум на објава: недела, 24 мај 2015 во 17:51
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар