Блокирани улици во центарот на Куманово и зголемено полициско присуство ги  збунија кумановци. Улиците „11 Октомври“ и
„Тодор Велков“ каде се стационирани клучни објекти, државни и локални институции од ноќеска се обезбедени од македонските безбедносни сили. Градоначалникот на општина Куманово, Дамјановски апелираше на смиреност и го повика Министерството за внатрешни работи да објасни што се случува во Куманово.

- По завршување на дејствата од минатиот викенд немаше блокади, градот беше отворен, а сега имаме засилена безбедност, рече Дамјановски. Го замолувам МВР што поскоро да излезе со информации за македонската и пред се за кумановската јавност, да даде објаснување што се случува во градот, рече градоначалникот на Куманово Зоран  Дамјановски.
И покрај тоа, вработените во овие институции се на работните места а граѓаните си ги вршат секојдневните работи.
Неколку дена по судирите на полицијата и вооружената група, кумановци велат дека нема простор за паника и дека се чувствуваат безбедно.
Инаку, годинешниов матурски бал и трубачите со кои секоја година кумановските матуранти дефилираат по улиците се откажани поради безбедносни причини. Ова денеска беше договорено на состанокот со Секторот за внатрешни работи и директорите на средните училишта. Деновиве во училиштата ќе се изведува настава со скратени часови.


коментари

остави коментар