Детали околу средбата не се соопштуваат. Но, според најавите и според информациите на Канал 5, кусата средба ги опфатила сите прашања поврзани со грчката надворешна политика. Грчките медиуми, претходно споменуваа дека Аврамопулос, преку Кери ќе се обиде да му договори средба на Самарас со Обама.

Грчкиот премиер на почетокот на јуни ќе замине за Вашингтон на годишната конференција на Американскиот еврејски комитет, па токму затоа, сака да го искористи патувањето во САД и да обезбеди покана за посета на Белата куќа од американскиот претседател. Присуството на Самарас на конференцијата е веќе објавено на сајтот на комитетот. Но, не е исклучена можноста грчкиот премиер  да го посети и седиштето на ООН за да се сретне со генералниот секретар Бан Ки Мун. Но сега за сега, официјална потврда ниту најава нема.

На грчката страна не и се допаѓа фактот што американскиот државен секретар ја посети 2 пати Анкара, а не дојде во Атина, нешто што е спротивно на досегашната традиција. Токму затоа, според медиумите, денешната средба на Аврамопулос со Кери иако куса е сепак важна за Грција.

И синоќешниот немил настан во Сирија, киднапирањето на двајцата христијански митрополити во Алепо, најверојатно бил на агендата разговори. Аврамопулос кратко пред почетокот на самитот на министри за надворешни работи на НАТО во Брисел, рече дека  ситуацијата во Сирија се влошува, а меѓународната заедница ќе направи се што е потребно да стави крај на драмата што ја живее сирискиот народ.

Датум на објава: вторник, 23 април 2013 во 14:01
Сања Ристовска
Обновено во: 20:25

коментари

остави коментар