Во обраќањето пред присутните, Иванова и овој пат повика на продолжување на активностите кои ќе резултираат со зголемена јавна свест и поддршка на заедничката цел – да се предизвика вниманието на женската популација за значењето од превенција и рано откривање на оваа болест.

- Денес морам да укажам на еден факт кој мораме да го прифатиме како неоспорна вистина и да се обидеме да го пренесеме до сите жени. Секоја од нас ја демне заканата од болеста рак на дојка. Некои жени имаат поголеми предиспозиции да бидат погодени од болеста, но шансите на секоја жена да биде соочена со ваква дијагноза е огромна. Поради тоа, не треба да се изолираме и повлекуваме, истакна Иванова.

Дијагнозата за рак на дојка, посочи таа, може да и биде соопштена на секоја од нас.

- Мораме да правиме редовни само-прегледи, а најмалку еднаш годишно да направиме и лекарски прегледи. Нема оправдување дека не сме во можност, нема оправдување дека немаме време, нема оправдување дека немаме средства и слични изговори. При секоја активност за борба против ракот на дојка имам една едноставна мисла водилка. Ако настаните како овој денес можат да помогнат да се спаси барем еден живот, барем на една жена да и се помогне да ја открие заканата додека не е предоцна, тоа е повеќе од причина да се собереме, да се ангажираме и заедно работиме и во иднина, рече Иванова.

Нашите борки, посочи таа, се жените кои сведочат на ситуацијата кога лично ним или на нивната мајка, сестра, тетка или баба им била соопштена дијагнозата рак на дојка.

- И покрај сите предизвици и искушенија низ кои поминале тие стојат исправено и гордо повикувајќи на свесност кај нивните сограѓанки за ракот на дојка. Нивните заложби се видливи кај женската популација и затоа нивниот труд е високо почитуван. Драги борки, ја имате нашата неизмерна поддршка, додаде Иванова.

Министерот за здравство Никола Тодоров истакна дека во Република Македонија ракот на дојката се наоѓа на прво место од малигните заболувања кај женската популација, со инциденца од околу 66 отсто на 100.000 жени, со што Македонија спаѓа во земјите со средна стапка на инциденца.

- Податоците од Националниот систем за закажување прегледи МојТермин покажуваат дека во рок од една година се креирани 31.075 упати кон мамографија, 89 отсто од нив се со термин, 11 отсто се приоритетни, а просечната возраст на пациентите е 52 години, рече Тодоров.

Министерството за здравство, истакна, континуирано презема активности за следење на современите достигнувања во медицината за рана и прецизна дијагностика на малигните заболувања, како и за применување на современите терапевтски методи кои го продолжуваат животот на овие пациенти и го прават поквалитетен. Појасни дека за таа цел, секоја година се изготвува посебна Програма за превенција на малигните заболувања, вклучувајќи го и ракот на дојка. Во насока на подобрување на процесот на дијагностика во радиолошките кабинети во државата, нагласи министерот, реализирана е стручна обука на дваесетина радиолози од ЈЗУ.

- Од почетокот на проектот за едукација на лекари и медицински персонал во странство се реализирани едукации на над 900 здравствени работници, додека почнувајќи од следната година во странски центри на обука ќе заминат 1.000 лекари, каде ќе се доедуцираат за имплементирање нови, досега незапочнати дијагностички и терапевтски процедури во ЈЗУ, истакна Тодоров.

Во однос на опремата, потенцира, во овој период имавме набавка на најсовремена медицинска опрема во вредност од околу 10 милиони евра.

- Набавен е нов мамографски систем за Клиничката болница во Тетово, кој треба да биде испорачан до крајот на јануари. Исто така, Клиниката за онкологија и радиотерапија и ГОБ „8 Септември“ ќе добијат по еден акцелератор, а при крај е градбата на бункерите на уште два акцелератора за клиничките болници во Штип и во Битола, со што дополнително ќе се намали времето на чекање, ќе се подобри терапискиот ефект и квалитетот на здравствената услуга за болните со малигни заболувања во цела држава,рече Тодоров и додаде дека значајна новина на Клиниката за онкологија е воведувањето кор биопсија на дојка.

На Клиниката за радиотерапија и онкологија, посочи министерот, се воведуваат нови радиотераписки методи за попрецизно и поограничено зрачење на туморското ткиво со помало оштетување на околните здрави ткива.

- Во болницата во Охрид, пак, ќе се подобри скринингот и дијагностицирање на ракот на дојка и дебело црево со воведување дигитална мамографија и колоноскопија. Како посебно значаен проект би ја истакнал изградбата на ПЕТ-ЦЕНТАР во Скопје за детектирање на онколошки и други заболувања, кој ќе почне со работа во август 2015 година, додаде Тодоров.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Маја Парнарџиева Змејкова истакна дека од 2015 година жените кои користат ортопедско помагало - вештачка силиконска дојка веќе нема да има потреба да посетуваат хирурзи само за да добијат потврда за тоа помагало.

- Од 2015 година само со потврда од матичниот лекар секоја година ќе можат да го остварат ова право. Ние како држава треба повеќе да бидеме вклучени во рана детекција на ракот на дојка со која ќе се избегнат големите хирушки зафати, долготрајните хемостатици, зрачење, долготрајните последици не само по здравјето, туку и по психата на жената и нејзината фамилија, додаде Парнарџиева Змејкова.

Претседателот на Здружението Борка – за секој нов ден, Биба Додева рече дека во Македонија десетина мажи заболуваат од рак на дојката.

- Она кое „Борка“ во текот на оваа година и идната година како своја иницијатива ќе го има е создавање услови за имплементирање на организиран скрининг заедно со Министерството за здравството, со Фондот за здравствено осигурување. Сметаме дека доколку постои превенција од таков вид каде со организиран скрининг би можело во ран стадиум да се открие болеста дека ќе имаме повеќе жени кои ќе ја победат болеста, истакна Додева.

Новата статистика во Македонија, додаде таа, покажува 1.152 нови случаи со рак на дојка.

Француската амбасадорка Лоренс Оер истакна дека во Франција од осум жени една има рак на дојка.

- Во мојата земја големо внимание укажуваме на превенцијата затоа што оваа болест стана национално зло и веруваме дека во 90 отсто од случаите болеста може навреме да се открие. Убедена сум дека раното откривање, превенцијата, но и излекувањето се можни преку кампањи. Кампањата со Франција се води преку делење различни информативни брошури и во неа учествуваат сите жени на возраст од над 30 години, посочи Оер.

Нагласи дека раното откривање на болеста помага во 90 отсто од лекувањето на заболените жени и додаде дека во Франција прегледите се задолжителни на секои две години за жените на возраст од над 50 години.

Сопругата на американскиот амбасадор, Мери Џо Волерс рече дека да се знае и да се биде свесен за ракот на дојка значи и да се делува.

- Кога ракот ќе се открие многу рано, 98 проценти од таквите случаи преживуваат. Затоа да делуваме што побрзо и поскоро и да го мотивираме и инспирираме нашето општество да биде свесно за розовата панделка и за ракот на дојка, додаде Мери Џо Волерс.

На конференцијата беше промовиран првиот веб сајт за онлајн донирање кој во иднина ќе биде составен дел од веб страната на БОРКА, њњњ.борка.орг.мк, а ќе бидат и доделени благодарници на сите соработници на Здружението БОРКА, сите волонтери кои несебично и помагаат на Борка во секоја кампања и на сите фирми кои водејќи се од општествено-корпоративната одговорност се поддржувачи на Борка во борбата против ракот. /МИА

Датум на објава: вторник, 14 октомври 2014 во 20:22
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар