Променет е покривот, има нова фасада, прозорци и под, со што е направен енергетски ефикасен објект. По 1963 година, кога била изградена, ова е прва градежна интервенција на училишната зграда.

Благодарници за заложбите за обнова на објектот раководството на училиштето денеска им врачи на министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, неговиот претходник Спиро Ристовски, поранешниот заменик-министер Сафет Незири и на градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски, кои присуствуваа на свеченото пуштање во употреба на училиштето.

- Овој објект е еден од 33-те кои се реконструирани целосно од буџетот на Министерството за образование и наука, кое изгради уште три нови објекти во Шуто Оризари и во Боговиње. Се надевам дека во септември, кога ќе заврши постапката за инвентар, ќе ги пуштиме во употреба и учениците таму ќе учат во нови простории. Ќе продолжиме да инвестираме во реконструкции на училиштата според приоритетите и колку што дозволуваат буџетските можности. Приоритети ни се објектотот во село Рашче, од кој дел е изгорен и подготвуваме негова цела реконструкција, и во село Сливник, општина Велес, за кое, исто така подготвуваме проект и се надевам дека брзо ќе го реконструираме,  изјави Адеми.

Апелираше до учениците кои не посетуваат настава поради лоши услови да се вратат во училиштата зашто, како што рече, условите не може да се создадат за ден или за месец.

Заменик-министерот Спиро Ристовски, во чиј министерски мандат почна реконструкцијата на „25 Мај“ во обраќањето рече дека во изминатиот период се работело на подобрување на условите за настава во сите општини, како што рече, без разлика на етничката припадност на учениците и наставниците.

Градоначалникот на Гази Баба Трајковски истакна дека за уредување на училиштето „25 Мај“ помогнале и родителите на учениците и дека е пример што треба да го следат и други училишта. Соопшти дека на територијата на Гази Баба комплетно е реконструирано и училиштето во Раштак и дека се гради ново училиште, во населбата Железара, со средства на МОН и кредит од Светска банка. Се очекува во втората половина на учебната година тоа да биде пуштено во употреба. Во план е и изградба на ново училиште во Хиподром, со средства од Владата на НР Кина.

Во изјава за медиумите министерот Адеми посочи дека бесплатните учебници се доставуваат врз основа на барањата на училиштата кои на крајот  на учебната година пријавуваат колку учебници им се оштетени и колкав број нови им се потребни. - Таму каде што е реално потребно, ние ги менуваме учебниците. Училиштата кои се уште немаат пријавено, а имаат потреба, тоа треба да го направат што поскоро за да можеме да ги смениме, додаде Адеми.

Адеми информираше и дека се објавени резултатите за сместување во студентските домови. - Примени се сите кои ги исполниле условите. Отворен е оглас за слободните места, така што од 1 септември почна распоредувањето во студентските домови. Се надевам дека тие што не добиле легло, на вториот повик ќе бидат сместени ако ги исполнат условите, додаде Адеми. /МИА

Датум на објава: среда, 03 септември 2014 во 16:29
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар