Дваесет и седум влубеници во македонскиот фолклор од девет земји во светот за вековната традиција учат од  инструкторите  од ансамбалот Танец.

- Ние сме светски признаени. Во  која земја да се појавиме нашата традиција тоа е исконот. Нема бегање од тоа а странците знаат да го ценат  тоа, вели Љупчо Манески од ансамбалот Танец.

Брачниот пар Роберт и Дорис од Америка се уникатни. Тој свири на тапан а таа е единствената жена во светот која знае да свири  зурла.

- Доаѓаме овде повеќе од десет години. Многу ни се допаѓа, музиката е прекрасна. Некои ора се потешки некои полесни, но имаме прекрасни учители - вели Роберт Вингфи од Калифорнија.

- Во нашиот град ние имаме група. Три жени со  зурли и три тапани. Навистина се забавуваме. На сите им се допаѓа кога свириме,  вели Дорис од Калифорнија.

Пеат, свират и играат  од душа, како да се Македонци, родени со нашата традиција. Она што кај нас го учат го пренесуваат во своите земји.

- Го сакам македонското оро бидејќи е различно сосема поинакво  од кај нас, вели Масуро Унанај од Јапонија.

- Јас танцувам 25 години во Канада и седум години доаѓам во Македонија. Исто така свирам хармоника и пеам фолклорни песни. Тоа е магија, вели Еленор Илстен од Канада.

- Доаѓам од Полска и многу ми се допаѓа музиката и асиметричниот ритам и вашите инструменти, вели  Ана Тромбава од Полска.

Странците не пропуштаат да бидат дел од фолклорната незаборавна  магија  на овој  семинар, кој четири години по ред се одржува во преубавото Вевчани.

Датум на објава: недела, 20 јули 2014 во 11:22
Соња Рилковска
Обновено во: 15:14

коментари

остави коментар