Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, соопштува АМСМ во извештајот за состојбата на патните правци и гранични премини во 18:30 минути.

Според информација од Министерството за транспорт и врски, од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува времена измена на режимот на сообраќај. Се забранува сообраќај на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.

Забраната за деновите од викендот е од 17 до 22 часот во петок, од 9 до 18 часот во сабота и од 9 до 22 часот во недела. Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство за здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот. Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.

За регулирање на сообраќајот и воспоставување на изменетиот режим, поставена е соодветна сообраќајна сигнализација.

Од 1 јули стапува во сила и ограничувањето за тешки товарни возила над 7,5 тони на патниот правец Гостивар-Охрид Ограничувањето на движењето е од 15 до 24 часот во текот и во сабота и недела од 7 до 24 часот. Овој режим на движење ќе важи до 1 септември годинава.

Од средината на месецов во сила е забраната за движење на тешки товарни возила на подрачјето на Скопје. Забраната ќе важи во текот на денот од 10 до 20 часот до 1 септември.  Од тоа решение се изземаат возилата кои превезуваат жива стока, лесно расиплива стока, хуманитарна помош, медицински препарати, комунални возила, возилата на ЈГП, превоз на експлозивни, запаливи и отровни материи, возила за превоз на градежни материјали (сиров бетон), како и градежна оператива кои вршат градежни работи на градилиштата за општините во Скопје, Град Скопје и Влада на РМ.

Во сила се и забраните за движење на автобуси и товарни моторни возила со тежина над 7,5 тони, на регионалниот пат Пробиштип – Кратово поради појава на свлечиште, на влез во Кратово. На патниот правец Р2433 Радовиш – Конче, на 11-тиот километар има свлечиште, поради што сообраќајот за патничките возила се одвива по една коловозна лента, а за тешките товарни возила има забрана за сообраќај.

Сообраќајот на сите останати државни патишта во Македонија се одвива без забрани, по суви коловози. АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.

Датум на објава: сабота, 28 јуни 2014 во 19:25
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар