Чадиев потенцираше дека е задоволен од темпото на реализација на предвидените активности и оти се обидува сето она што им го ветил на граѓаните во предизборниот период да го сработи за време на неговиот мандат.

Тој информира дека локалната власт со поддршка од централната власт има реализирано над 120 проекти. Како позначајни реализирани проекти, посочи, се: отворањето на производствениот погон на германската компанија „Маркарт“, формирањето на индустриските зона во „Караслари“ и „Речани 2“, реконструкцијата на училишните згради на гимназијата и ООУ „Кирил и Меториј“, новиот објект на Технолошко-техничкиот факултет, реконструкцијата на повеќе топловодни системи во неколку училишта, изградбата на пешачкиот мост над битолската пруга, асфалтирањето, бетонирањето, поплочувањето на поголем број на улици и патишта во градот и во руралните места. Ги спомена и поставувањето урбана опрема, соработката со невладините организации, бројните гостувања на видни личности во Велес, како и посетите на градоначалникот надвор од општината.

Според него, неизбежен дел се и реализираните културни манифестации со кои велешани се гордеат години наназад.

Чадиев потенцира дека овој начин на работа ќе го задржи во иднина и на крајот од неговата втора година како градоначалник пред велешани во март ќе го презентира вториот отчет со реализираното.

- Проектите кои досега се реализирани се ветени пред велешани и најголем дел се проекти кои се веќе изгласани во програмите за работа, за мене има доста проекти кои се значајни, но сепак акцентот го ставам за донесениот план за Топилницата и она што успеавме да го постигнеме во индустриската зона Караслари, потенцираше Чадиев. /Извор: МИА/

Датум на објава: понеделник, 17 февруари 2014 во 16:03
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар