Охрид одбележа педесет години од првото скијање на Галичица. Група млади планинари предводени од охридскиот алпинист Љупчо Поп Стефанија деновиве се искачија на снежната планина и скијаа во чест на покојниот колега  Миле Битрак.

Во далечната 1968 година со скромна опрема,војнички чизми и  дрвени скии  неколкумина охриѓани за прв пат го освоија врвот Магаро и докажаа дека на планината има услови за зимски спортови.

- Со  Миле Битрак и Леко Радич со многу скромна опрема се искачивме на врвот Магаро и од таму од северната страна се спуштивме така што за тоа време беше своеврсно едно првично качување дотогаш немало не сме слушнале дека пред нас  некој го направил тоа, вели Љупчо Поп Стефанија поранешен аплинист.

Во тогашно време  двајцата охридски алпинисти со силната љубов кон планината ги искачиле Монт Блан, врвот на  Андите и  ги освоиле речиси сите европски врвови.

- Имавме многу потфати овде некаде, моето искуство е некаде околу 150 алпинистички смерови и освоени скоро сите повисоки врвови на Балканот така оставивме, да речам се создаде една скромна традиција во Охрид за планинарење, додава Поп Стефанија.

Двајцата охриѓани беа  основоположници на почетоците на  скијањето во Охрид и изградбата на Планинарскиот дом во седумдесетитет години, кој откако изгоре замреа зимските спортови во градот.

Со овој чин охридските планинари упатија апел до надлежните да се врати сјајот на Галичица и  таа повторно да биде достапна за скијање.


Датум на објава: сабота, 10 февруари 2018 во 15:30
Соња Рилковска
Обновено во: 15:34

коментари

остави коментар