Јужнокорејскиот град Пјонгчанг во наредните две седмици на светот ќе му понуди олимпизам кој и овојпат е повеќе од спорт. И 23-те Зимски олимписки игри се со сериозни политички импликации па со тоа носат специфика што ќе најде место во аналите на светскиот спорт. Ќе учествуваат речиси 3000 спортисти ,а Македонија ке ја претставуваат само тројца.

Со преполовен руски олимписки тим, а заеднички состав на северна и Јужна Кореја стартуваа 23-те зимски олимписки игри во Пјонгчанг. Можеби не во толкава мерка како пред 40-ина години, во времето на студената војна, кога светскиот спорт беше жртва на политичките пресметки па се случуваа бојкоти од двете страни на железната завеса но и овојпат олимпизмот не е имун на дневната политика. Со аргументација за наводен системски допинг, по игрите во Рио, и во Пјонгчанг руските олимпијци ја чувствуваат жестината на немилосрдните антидопинг агенции и лаборатории. За русите тоа е голема лага и атак врз спортистите, а за остатокот од светот оправдани казнени мерки.

Оптоварени со оваа жестока пресметка, домаќините се обидоа да го амортизираат ударот врз игрите демонстрирајќи добра волја и зрелост, па формираа заеднички олимписки тим со спортистите од Северна Кореја што во моментов е на врвот на листата на оние што му се закануваат на светскиот поредок односно неговата безбедност.  Јужна Кореја за игрите ќе потроши 13 милијарди долари што делува прилично поразумно во однос на 50-те милијарди што ги потроши Русија пред четири години во Русија.

Јужнокорејците ја потенцираат рационалноста и со главниот стадион на кој ќе се одржат само четири настани, односно отворањето и затворањето на овие и на параолимписките игри во март по што ќе биде демонтиран како никогаш да не постоел со што ги прави овој настан уникатен.

Македонија во Пјонгчанг ќе ја претставуваат тројца спортисти чиј настап се оценува како симболичен односно според старото кубертеново правило важно е да се учествува. Ако е за утеха македонското знаме ќе се појави на Емпајер Стејт Билдинг во Њујорк вечерва околу 23 и 30 како дел од ласерската проекција на сите знамиња на учесниците на игрите со што  американците сакаат да дадат  свој придонес за почетокот на олимпијадата во Пјонгчанг.


Датум на објава: петок, 09 февруари 2018 во 14:19
Зоран Цветановски
Обновено во: 15:45

коментари

остави коментар