Второво е се поизвесна варијанта која потврда наоѓа во ставот на Иванов дека законот е закана за унитарниот карактер на државата и дека со него се крши уставот, изнесен во рамките на новогодишното обраќање. Законот  предизвика спротивставени реакции не само помеѓу политичките партии туку и помеѓу уставните експерти и лингвисти –од тоа дека ваков каков што е претставува можност Македонија во некоја наредна иднина да стане билингвална и да се федерализира –до тоа дека со законот се одредува само практичната примена од страна на институциите на државата на јазикот кој го говори најмалку дваесет проценти од населението во случајов,Албанците.

Повеќето од реакциите спорат и околу начинот на носење на овој акт, без опозиција и со тоа во недемократска атмосфера -додека други велат треба да се поздрави зашто претставува заокржување на нормативниот дел од мировниот охридски договор.

Поранешната пратеничка од СДСМ, Каролина Ристова Астеруд, на својот фејсбук профил напиша законот за употреба на јазиците 2018 –рамковна и уставна тиранија на малцинството . Во текстот, меѓу другото, Ристова Астеруд образложува дека законот за употреба на јазиците не е ниту по рамковниот нити е за со европско знаменце, бидејќи според неа во конститутивните договори и во секундарното право на европската унија тоа било покриено со клаузула со која немало мешање во домашните јазични режими зашто тие се прифаќале согласно националните уставни аранжмани.

Академик Катица Ќулавкова , која заедно со професорките гордана Силјановска Давчева и  Симона Груевска Маџоска испратија писмо до Иванов со барање да не го потпишува указот за законот, на Твитер напиша- трагично е кога ќе си го смениш идентитетот сам , дома одвнатре, со тапија

Професорката Мирјана Најчевска опишувајќи ја ситуацијата со изгласаниот закон за употреба на јазиците како квадратура на кругот смета дека материјата на употреба на јазиците најдобро може да се реши со ратификација на повелбата за регионалните и малцинските јазици на Советот на Европа, која Македонија ја имала потпишано уште во 1996-тата година но сеуште ја немала ратификувано. Меѓу оние што реагираат е и универзитетската професорка Ана Павловска Данева на фејсбук напиша законот не може да се носи без опозицијата и по скратена постапка.

Како и да е од парламентарното мнозинство кое го изгласа законот во четвртокот со 69 гласови за, апелираат до Иванов да го потпише указот зашто вака срочениот акт е во рамките на уставот и не го изедначува албанскиот со македонскиот јазик, што доколку би било случај тогаш би требало да се смени и уставот. И дека како таков нити е влез во билингвалност или поделба на државата.

Според законските надлежности ако претседателот не го потпише указот за законот, законот оди на повторно разгледување пред пратениците кои доколку го изгласаат со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници , претседателот е должен да го потпише указот за овој закон со што тој би стапил на сила. Следна можност да се провери уставноста на законот, е уставниот суд. 


Датум на објава: недела, 14 јануари 2018 во 15:18
Мирјана Трпческа
Обновено во: 15:22

коментари

остави коментар