„Проблемот е сериозен и бара сериозни предлози. Под итно е потребно сите крстосници да бидат со кружен тек како возилата не би стоеле долго време во место и сериозно да се размисли за субвенции за нови возила со стандарди кои го намалуваат загадувањето.“
„Во духот на екологијата - Велосипеди вие ќе давате или да си донесеме?“

Ова се само дел од бурните реакции на граѓаните на социјалните мрежи за проектот „Паркирај и вози“ кој неодамна го најави градоначалникот Шилегов. Со овој проект е предвиден бесплатен паркинг на влезовите во Скопје на кои граѓаните ќе можат да ги остават своите возила, а до посакуваната дестинација да се користи воз, автобус или велосипед.

Шилегов демантира каква било забрана за влез на други возила во главниот град. Вели, се работи за концепт со две намени – стимулирање на користењето на јавен превоз и расчистување на сообраќајниот метеж во централното подрајче, со што би се намалило и загадувањето како последица на транспортот.

„Тоа е цел концепт којшто сметаме дека доколку биде понуден на сограѓаните ќе го користат. Досега никој го нема понудено. За нив ќе биде и многу поевтино бидејќи во една цена ќе имаат и паркирање на возилото и користење на јавниот градски превоз за да се завршат обврските поради кои се дојдени во Скопје и да се вратат од онаму каде што доаѓаат. Не предвидуваме забрана за влез на возила во Скопје.“

Градските власти се повикуваат на успешноста на овој систем во многу светски метрополи кој дава одлични резултати. Шилегов потенцираше дека на овој проект треба да се гледа како на системско решавање на концептот на градскиот јавен превоз и подобрување на неговиот квалитет.

Датум на објава: сабота, 13 јануари 2018 во 14:50
Тамара Стојкова
Обновено во: 16:39

коментари

остави коментар