Рекордно високи температури во Австралија, рекордно ниски во Америка.  Нијагарините водопади замрзнаа, Сахара осамна под снег, низа природни феномени какви на памети светот ја зафатија планетата за само една недела. И Македонија не е изземена од глобалните промени. Ваков топол јануари земјава не памети барем во последниве 11 години. Првите 10 дена од годинава и официјално се сметаат за најтопла јануарска декада откако се вршат мерењата во Македонија од далечната 1951-година. Според македонските климатолози, во овој период од годината, во кој лани Македонија мрзнеше и на -20, средната температура изнесувала четири степени целзиусови.  Во изминативе 70 години, единствено 2007-та била нешто потопла,  вели за Канал 5, Александар Д. Проданов, сектор за метеорологија при УХМР.

Од секторот за Климатологија не можат со сигурност да прогнозираат дали барем засега топлата зима би донела екстремно жешко лето.  Светските експерти се уште ги анализираат екстремните феномени деновиве,  кога во САД мрзнеа ајкули и крокодили, а во Австралија илјадници лилјаци останаа спржени од епските горештини. За нив, нема дилеми дека ако не делува, човештвото ќе мора да научи да живее со глобалното затоплување.  
- Ако ги анализираме последните 150 години, дознаваме дека само повремено сме биле сведоци на вакви екстремни настани, но ако се осврнеме само на последниве три децении, сфаќаме колкав голем број природни феномени се случиле, вели Омар Бадур, директор на Светската метеоролошка организација при ОН.

- Нема друго објаснување за ваквите температури, екстремните бури и порастот на нивоата на морињата освен дека се резултат на климатските промени, вели Мајкл Џерар, еколог.

На глобално ниво и натаму изостанува заедничкиот одговор кога се во прашање климатските промени, особено по повлекувањето на Трамп од договорот од Париз. На неодамнешниот самит во Париз, земјите учеснички констатираа дека поради поделеноста светот ја губи битката со глобалното затоплување и во клучните напори да се задржи порастот на температурите под прагот од два степени Целзиусови. 


Датум на објава: сабота, 13 јануари 2018 во 14:27
Гоце Герасимовски
Обновено во: 18:08

коментари

остави коментар