Иако Вишото јавно обвинителство за актерот Владо Јовановски побара да му биде укинат притворот, сепак апелационите судии одлучија тој да остане во истражниот затвор во Шутка.

Покрај Јовановски во притвор остануваат и екс министерот Митко Чавков, вработениот во агенцијата за разузнавање Мунир Пепиќ, оперскиот пејач Игор Дурловски, Богдан Илиевски, началникот Душко Лазаров, Оливер Радулов, Митко Пешов и Илија Славевски.

На одлуките на скопска Апелација реагираше опозицијата. За ВМРО – ДПМНЕ отфрлањето на жалбите е правно неиздржано. Од партијата пишуваат дека судот е соучесник на уништувањето на правната држава.

Во меѓувреме во Апелација се пристигнати 20 жалби од осомничените. Попладневно на јавна седница се разгледуваше и жалбата на пратеникот Сашо Василевски, кој не сакал да присуствува на седницата.

Неговиот адвокат Александар Новаковски побара да му се укине притворот за да се врати во парламентот. Потенцираше, дека Василевски немал намера да бега. Тој од Бугарија се вратил во Македонија, откако дознал дека за него имало отворена истражна постапка, рече адвокатот Новаковски.

Наспроти ова, Вишото Јавно Обвинителство побара жалбата на Василевски да биде одбиена и Василевски да остане во истражниот затвор во Шутка. Обвинителот пред судиите рече дека има реална опасност тој да се даде во бегство и дека ќе влијае врз сведоците.

И додека течат жалбените постапки, полицијата го уапси Младен Додевски – еден од осомничените кој се бараше и со меѓународна потерница. Според полициски извори на Канал 5 Додевски бил уапсен во скопскиот градски парк. 

Датум на објава: петок, 12 јануари 2018 во 18:00
Игор Стефановски
Обновено во: 18:13

коментари

остави коментар