Откако одби да му издаде американска виза на косовскиот премиер Рамуш Харадинај, Вашингтон вчера го смести Косово на листата на земји со зголемен ризик од тероризам. Одлуката следи три дена откако американската амбасада одби да му издаде виза на Харадинај, кој денеска требаше, но не можеше да отпатува на настан во Ајова, каде што беше поканет.

Иако официјална Приштина тврди дека Харадинај доцна ја поднел апликацијата, најголем дел од експертите сметаат дека се работи за своевиден притисок врз екс командантот на ОВК, кој се противеше на формирањето на Специјалниот суд за воени злосторства за припадниците на ОВК. За косовскиот претседател Тачи, се ќе зависи од гласањето во Собранието.

- Формирањето на Специјалниот суд за воени злосторства е историска неправда, но процесот за него трае. Процесот, кој го водам има за цел воспоставување Специјален суд, но тоа ќе зависи од пратениците во Собранието. Мислам дека ова прашање повлече непотребни реакции, кои предизвикаа паника меѓу граѓаните, изјави Хашим Тачи, претседател на Косово.

Косовските медиуми денеска објавија дека Харадинај во меѓувреме аплицирал и добил албански пасош, со кој  ќе може да патува во земјите од шенген зоната. Формирањето на Специјалниот суд и ратификацијата на договорот за демаркација на границата со Црна Гора се двете горливи прашања, на кои инсистираат западните земји, а кои постои отпор во косовската влада.


Датум на објава: четврток, 11 јануари 2018 во 14:15
Гоце Герасимовски
Обновено во: 15:30

коментари

остави коментар