А годината ни тргна со ракометот. Црвено-црната чета на Гонзалес ја покори Европа. Ниту Барселона, ниту Пари Сен Жермен го немаа лекот за да го совладаат Вардар во борбата за европскиот трон. Скромно и дисциплинирано, шпанскиот стратег го претвори сонот во реалност. На прашањето за можна одбрана на титулата, вели, не е невозможна мисија.

Најважната споредна работа на светот доби нова димензија. Живеевме во духот на Суперкупот и настапот на гигантите Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, ги бодревме Вардарци во Лига Европа и младите репрезентативни надежи на Европското во Полска, но уживавме и во импресивните настапи на сениорите.

Скептичарите на црвено-жолтите добија шлаканица. Ангеловски го пронајде вистинскиот рецепт во спојот на младоста и интернационалното искуство. Скокнавме цели 86 места на ФИФА ранг листата, што дава дополнителен мотив за уште поубедливи резултати во иднина.

Незаборавна година имаа и каратистите, крунисана со 14 медали од кои 9 златни на последното Светско првенство кое се одржа во Италија. Дејан Недев, Берат Јакупи, Јована Георгиева, Петар Заборски се само дел од плејадата каратисти кои годинава нанижија неверојатни успеси.

На стартот на 2018 нè очекува Европското ракометно првенство во Хрватска – со надеж дека ќе биде една отскочна даска за нови спортски радости.


Датум на објава: недела, 31 декември 2017 во 19:18
Тамара Стојкова

коментари

остави коментар