Зоран Заев за грчката новинска агенција изразува надеж дека ова патување би можело да се реализира на почетокот на следната година.

„Во овој период ја планирам мојата посета на Атина, се надевам на почетокот на новата година, за да се сретнам со премиерот Алексис Ципрас, со министерот за надворешни работи Никос Коѕјас, со претседателот на Република Грција и со грчки пратеници.“ – открива Заев во интервјуто.

Македонскиот премиер во интервјуто за АПЕ, вели дека за нашата земја не постои алтернатива освен ЕУ и НАТО, а од Грција бара поддршка и помош.

„Нашата позиција е следната: бараме поддршка и помош од грчките граѓани и секако преку институциите и од грчката влада, од опозицијата и од грчкиот парламент. Имаме во предвид дека прашањето за името е чувствителна тема и не е воопшто лесно ниту за грчките политичари. Сепак, сакаме да се обидеме меѓусебно да се разбереме и да го охрабриме изнаоѓањето решение кое ќе биде прифатливо и за двете страни. Или двете страни ќе бидат подеднакво задоволни или подеднакво незадоволни. Таков е компромисот. Но, верувам дека како политичари, можеме да имаме поголема добивка, ако имаме храброст да најдеме решение и да донесеме одлука, отколку да го одложуваме, како што беше случај во минатото.“ – објаснува македонскиот премиер за АПЕ.


Датум на објава: четврток, 07 декември 2017 во 15:55
Сања Ристовска
Обновено во: 15:56

коментари

остави коментар