Ситуацијата на почетокот на средбата на Ердоган и Павлопулос се чини дека излезе од контрола. Се започна кога грчкиот претседател го спомена Лозанскиот договор, за кој турскиот претседател во синоќешното интервју за грчката ТВ Скај, рече дека е потребна ревизија и ажурирање. Павлопулос пак, потенцираше дека за тој договор не се преговара. Ердоган го спомена и малцинство во областа западна Тракија кое за Турција е „турско“, а Грција го признава само под терминот „муслиманско“.

„Лозанскиот договор, за нас за Грците, договор кој како што знаете, меѓу другото ги одредува и границите, територијата и суверенитетот на Грција, но и на Европската унија,за овој договор, не се преговара. Овој договор нема никакви празнини и не е потребно ниту ревидирање ниту ажурирање. Овој договор е во сила, таков каков што е, целосно ги покрива темите што треба да ги покрие. И потенцирам дека, меѓу другото, овој договор ги средува и темите поврзани со малцинствата, одредувајќи дека во Грција постои религиозно муслиманско малцинство чии права се почитуваат. “ – рече грчкиот претседател.

„Во однос на Лозанскиот договор, мислам дека постојат некои нерешени прашања кои не се правилно разбрани. Ова е договор потпишан пред 94 години и не е договор потпишан само меѓу Грција и Турција, туку постоеја 11 земји кои беа дел од неа.  Во овој период од 94 години одново се гради светот, нашата планета,  многу работи се сменија и се појавија нови прашања меѓу Грција у Турција во овој период. На пример рековте дека во Лозанскиот договор, се карактеризира како муслиманско малцинството во Грција. Тоа е точно, но во исто време во Европскиот суд за човекови права постои се споменува турско малцинство. “– рече турскиот претседател Ердоган.

Несогласувањето меѓу двајцата претседатели доведе до прекршување на протоколот кој предвидува куси, поздравни и протоколарни изјави, и започнување дијалог околу меѓународното право. Павлопулос зеде збор за, како професор по уставно право да му објасни Ердоган дека договорите не се ревидираат туку се толкуваат и побара од него да избегнува правни изрази, на што турскиот претседател одговори дека не сакал воопшто да го споменува Лозанскиот договор, но прашањето го отворил Павлопулос, додавајќи дека не професор по право, но го познава политичко право.

Датум на објава: четврток, 07 декември 2017 во 15:33
Сања Ристовска

коментари

остави коментар