Тие веќе неколку дена се во Шутка откако Кривичниот совет на скопска единица ја преиначи првичната одлука на судијата на претходна постапка.
На денешната јавна седница на која беа разгледувани нивните жалби, обвинителството остана на барањето и двајцата да бидат во притвор.
Обвинителот Момир Маричиќ од Вишо јавно обвинителството рече дека само на тој начин ќе се осигура нивното присуство во постапката.
„Сега сите се болни, на лекување, во депресија, на бањи…“, рече обвинителот, посочувајќи дека Дамовски, кој беше водач на граѓанската иницијатива За заедничка Македонија, е еден од главните обвинети во предметот.

Адвокатите на осомничените пак, сметаат дека и со поблага мерка може да се обезбеди непречена истрага за настаните од 27 април.
Адвокатот на Дамовски, Миле Петровски, аргуменитираше дека неговиот клиент уредно се јавил во полициската станица и бил дома кога бил направен претресот.
Адвокатот на актерот Јовановски, Ставре Џиков рече дека нема потреба од притвор, бидејќи осомничениот е  јавна личност која не била претходно осудувана и која нема лош углед. Џиков утрово бил во посета на Јовановски во истражниот затвор.

„Притворот е казна“, рече тој и побара поблага мерка за обезебдување.

Освен Апелација, и Кривичниот совет на скопска единица најдоцна до утре треба да постапува по жалбите на шестемина пратеници. И тие што се во притво и тие што се во куќен притвор, бараат да се бранат од слобода. Додека ја чека одлуката, пратеникот Крсто Мукоски, од вчера почнал да ја одбива затворската храна. Претходно, штрајк со глад почна и поранешниот министер Чавков, но за кратко го прекина. 


Датум на објава: четврток, 07 декември 2017 во 15:23
Гоце Михајлоски
Обновено во: 15:38

коментари

остави коментар