Претседателот на САД, Доналд Трамп се очекува попладнево да соопшти дека го признава Ерусалим за главен град на Израел, и покрај жестоките реакции на меѓународната заедница дека со тоа може да го врати крвопролевањето на блискиот исток.

Според најавите, Трамп се очекува да објави и дека американската амбасада ќе ја пресели од Тел Авив во Ерусалим.
Ќе ја преместиме американската амбасада во вечната престолнина на Евреите, Ерусалим.

10 месеци по контроверзното ветување, светот ја очекува веројатно најшокантната одлука на Доналд Трамп. Се поизвесно е дека американскиот претседател попладнево ќе го прогласи Ерусалим за главен град на Израел и ќе најави дислокација на американската амбасада од Тел Авив во светиот град, чин што одекна како бомба од арапскиот свет, преку Европската унија до Ватикан. Папата Франциск денеска повика на мудрост и на статус кво за Ерусалим, речиси сите муслимански земји на разумност, вклучително и Обединетите Нации.

- Тоа е принципиелно прашање. Генералниот секретар на Обединетите Нации постојано предупредува против еднострана акција која несомнено ќе ја поткопа опцијата за две држави, вели Стефан Дијариќ, портпарол на ОН.

- Трамп зборуваше со многу лидери утрово и ќе продолжи со конверзациите со сите засегнати страни. Во крајна линија мислам дека претседателот ќе го направи она што е најдобро за САД, вели Сара Сандерс, портпарол на Белата Куќа.

Со признавањето на Ерусалим за израелската престолнина, САД би станале првата земја што ќе го стори тоа. Прашањето задира директно во блиско-источниот конфликт и би можело да му пресуди на со децении градениот мировен договор.  Градот воедно е и дом на клучните верски светилишта на трите религии – Исламот, Христијанството и Јудаизмот. 

- Ерусалим е многу сензитивно прашање за сите религии. Токму поради тоа ниту една земја нема своја амбасада во Ерусалим. Луѓето тука по 22 годишни преговори конечно имаат сон, а Трамп сега преку ноќ им вели дека тој сон не постои, вели Ахмед Ал Буран, аналитичар за Блискиот Исток.

Израел секогаш го сметал Ерусалим за свој главен град, додека Палестинците го планираа Источен Ерусалим за престолнина на идната палестинска држава. Според мировниот договор од 93-тата  помеѓу Израел и Палестина, статусот на градот треба да биде предмет на договор на крајот од целосното решавање на проблемот меѓу двете територии.

Датум на објава: среда, 06 декември 2017 во 14:53
Гоце Герасимовски
Обновено во: 15:00

коментари

остави коментар